Македонскиот првак Еурофарм Пелистер го очекува четвртиот натпревар во Лигата на шампионите оваа сезона.
Во Битола гостува португалскиот шампион Спортинг Лисабон, а тренерот Бранко Ангеловски посакува поддршка од публиката, која треба да помогне во битката за прва победа.
„Спортинг импресионира со одлична игра во ЛШ, тимска игра. Не е нивната сила само во браќата Кошта, играат одлично и неслучајно имаат три од три и неслучајно така лесно го демолираа Веспрем. Но ова е нов натпревар, играме пред домашна публика, која знае да препознае квалитет и која ќе ни помогне за да се претставиме во добро светло за да победиме против еден тежок и разигран противник. Можеби не доаѓа ривалот од земја како Данска, Франција, Германија, но Португалија покажува во последно време многу на репрезентативно ниво, а голем дел од играчи се во Спортинг. Се надевам на наша одлична претстава и еден одличен натпревар“, изјави Ангеловски.
Тренерот а битолчани знае од каде доаѓа најголемата опасност.
„Главната сила на Спортинг е бековската линија со браќата Кошта и Суарез, кои играат доста брз и модерен ракомет. Тешко е на нив да се направи фаул, имаат исклучително добра топка и продолжување на акција под фаул, и главната одлика им е нивниот напад, кој е мошне ефикасен и постигнува по 40 гола на натпревар, како што беше со Бенфика кога победија со 15 разлика и делуваа импозантно на тој дуел во транзиција“, заврши Ангеловски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Спортинг Лисабон се игра утревечерв во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.