Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер утре против „сино-белите“ од Автокоманда ќe го одигра првиот официјален натпревар и ќе има нова можност за трофеј.
Гевгелија ќе биде домаќин на Супер Куп натпреварот, кој се игра седми пат, а битолчани имаат освоено два трофеи досега.
Тренерот Бранко Ангеловски пред стартот на официјалниот дел од сезоната, ги сподели импресиите од подготовките на шампионот. Пелистерци го освоија трофејот на турнирот во Струга, а потоа беа дел од турнирите во Болу и Добој.
„Задоволство беше да се игра на сите турнири – во Струга, Болу и Добој. Нашата замисла беше да направиме некоја ситуација која ќе не чека оваа година во македонското првенство, кое ќе биде тешко, поинтересно и тој систем на натпреварување среда-сабота, мораше да го изменаџираме со овие подготовки на кои одигравме 11 натпревари со различен тип на екипи. Можам да кажам дека сум презадоволен од прикажаното на сите играчи. Можеби овој висок пораз од Загреб дојде како последен тест, но се насобра целото отсуство од дома, и тие натпревари ден за ден, набрзо мислам дека тој натпревар ќе се заборави по натпреварот од Супер Купот“, изјави Ангеловски.
Натпреварот од Супер Купот меѓу Еурофарм Пелистер и тимот на Кире Лазаров се игра утре во салата „26 април“ во Гевгелија од 19:00 часот.