Ангеловски: Ни падна едно бреме – тоа се рефлектираше на резултатите!

Еурофарм Пелистер го освои првиот бод во Лигата на шампионите во тековната сезона, откако одигра реми со Спортинг Лисабон, 24-24.

Иако битолчани водеа со плус четири, 20-16, но во финишот и губеа со 24-21, сепак на крајот се задоволни што е прекината лошата серија.

Тренерот Бранко Ангеловски го потенцираше значењето на овој бод против силен ривал, кој досега во сезоната загуби само од Барселона.

„Скршивме едно бреме, ни падна еден притисок, кој го носевме долго време и тоа се рефлектираше на резултатите. Моите играчи, моите борци веруваа до крај во позитивен резултат со силен ривал. Спортинг досега има одиграно 20 натпревари, 18 победи, еден пораз од Барса и едно реми со нас. Не сакав тоа да го кажам пред мечот да не излезе дека бараме алиби. Одлично игравме 45 минути, но неколку наши грешки и грешките на судиите дозволија Спортинг да го сврти резултатот во своја корист. Сепак, на крајот успеавме некако а стигнеме до бод и затоа благорадност до целиот тим – од економот до менаџментот, кои веруваа во наша добра игра. Штета што не победивме, но сметам дека имаме шанси да оставиме подобар впечаток“, изјави Ангеловски.

Следен предизвик за Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите ќе биде гостувањето кај Висла Плоцк на 17 октомври.