Еурофарм Пелистер направи крупен чекор кон одбрана на титулата, откако славеше на тешкото гостување кај Охрид со 29-22 во 10 рунда од суперлигашкиот плеј-оф.
Тренерот на битолчани, Бранко Ангеловски, сепак смета дека е рано да размислува на титулата уште сега и не сака да ги потценува ривалите со кои игра шампионот до крајот на сезоната.
„Не сакам да размислувам за титула уште отсега, ако тоа го направиме, тогаш ќе ја потцениме нашата лига. Има уште четири натпревари, секој мора да го сфатиме сериозно за да можеме да играме како што сакаме. Во ниту еден момент не сакам да размислуваме дека денеска ја освоивме титулата. Огромен респект имаме за Пролет, па ни доаѓа незгодниот Тиквеш, а после тоа ќе се спремаме за Купот. Им благодарам на сите навивачи и луѓе што дојдоа од Битола да не бодрат, да ни дадат ветар во грб. Нашата обврска е да победиме на секој натпревар. Се случи и пораз од Вардар кој брзо го заборавивме. Не знам дали се има случено на некој натпревар во Македонија да дојдат околу 700 гостински навивачи, тоа е огромна бројка. Се чувствуваме како да играме во Битола. Благодарност до нив, до играчите, кои се прави борци и херои. Работевме макотрпно оваа недела, видео анализи и тактички тренинзи, а играчите тоа одлично го прикажаа на теренот. Честитки и до мојот стручен штаб – работиме како еден“, изјави Ангеловски.
Тој смета дека транзицијата на нападот на Еурофарм Пелистер беше совршена, но и дека Охрид не одиграл како што знае на овој натпревар.
„Честитки до Охрид за фер игра и одличниот пречек. Бевме добро подготвени за Охрид, нивните технички грешки доведоа до наша брза реализација и тука го добивме натпреварот. Очекував дека и во прво може да одиме и на плус пет, но на стартот на вториот дел го скршивме отпорот на домаќините. Бевме тактички добро спремни, игравме добро, но знаете и за висока разлика треба и противникот да ви дозволи. Транзицијата ни беше совршена. Охрид можеби одигра под своите можности, не бевме на ниво и тоа беше клучно. Повторно треба да ги издвојам голманите Лесјак и Гедбан и по нивните одбрани дојдовме до висока победа“, заврши Ангеловски.
Следен предизвик за шампионоте ќе биде гостувањето кај составот на Пролет.