Ангеловски: Наша одговорност е да бидеме подобри во сите сегменти

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер ги доби ривалите во групната фаза од новата сезона во Лигата на шампионите.

Битолчани ќе бидат дел од групата А и ќе играат против екипите на Веспрем, ПСЖ, Фуксе Берлин, Спортинг Лисабон, Фредериција, Висла Плоцк и Динамо Букурешт.

Битолската публика во „Боро Чурлевски“ ќе има одлична можност да види дел од најсилните европски тимови.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, даде свој коментар по ждрепката.

,,Повторно сме во кремот на европскиот и светскиот ракомет и повторно звездата ќе свети во Битола и во Македонија. Иако шампионот на Македонија беше под линијата која гарантира директно учество во Лигата на шампионите, ЕХФ ја препозна нашата клупска сериозност. Благодарение на нашата целокупна организација на натпревари од највисок ранг, на нашата прекоректна публика, заедно со нашите верни навивачи „Чккембари”, кои секогаш несебично не бодреа до последна секунда и на крај искрено ја честитаа победата на гостите, сосема заслужено ни ја додели „вајлд-картата“ за повторно учество. Ова е само една одговорност повеќе за сите нас да покажеме уште повисоко ниво во сите сегменти од нашиот спорт, вклучувајќи ги и резултатите. Ова е еден огромен чекор напред и со играњето во Лигата на шампионите на македонскиот шампион, успеавме да го задржиме континуираното играње на македонскиот шампион во најдоброто натореварување”, изјави Ангеловски.

Пелистерци првиот натпревар ќе го одиграат на домашен терен против ПСЖ, потоа во второто коло ќе му гостуваат на унгарскиот шампион Веспрем.