По дуелот со Спортинг Лисабон и освоениот прв бод оваа сезона во Лигата на шампионите, македонскиот првак Еурофарм Пелистер оди на мегдан на полската Висла Плоцк.
Полскиот првак имаше тежок меч против Келце во домашното првенство, кој предизвика многу внимание низ Европа, но сега им се враќа на обврските во елитата, каде досега запиша четири порази на четири меча.
Тренерот на пелистерци, Бранко Ангеловски, вели дека седмото место во група не е реално за таков квалитетен тим како Висла Плоцк.
„Одиме во гости кај екипа која го нема реалното место во Лигата на шампиони. Висла е добра екипа има четири порази од кои сите се минимални, дома од ПСЖ и последниот натпревар со Берлин само со еден разлика. Висла игра по шпански систем со многу репрезентативци, тим кој го победи Келце пред неколку дена и е актуелен шампион на Полска. Тие се далеку подобар тим отколку што покажаа четирите натпревари досега. Сето ова покажува ека играме со квалитетен тим и ќе треба добро да се потрудиме да се вратиме со бодови од Полска. Имавме позитивна недела, одигравме одличен натпревар во Лигата на шампионите и добар натпревар во македонското првенство, па имаме позитивна атмосфера, која ме прави среќен“, изјави Ангеловски.
Овие две екипи досега немаат одиграно ниту еден меѓусебен натпревар низ историјата, па соочувањето во „Орлен Арена“ ќе биде прво во историјата.