Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ги започна подготовките за новата сезона во која ќе влезе со големи амбиции.
Тренерот Бранко Ангеловски вели дека претстои тешка сезона, а целите на клубот како и секогаш се високи.
„Ни претстои тешка сезона, но нашите цели се секогаш високи. Самото име Еурофарм Пелистер и армијата навивачи која стои зад нас ни дава сила за да можеме да ги оправдаме очекувањата. Амбициите се знаат – во Македонија се цели кон сите трофеи, а во Европа да се прикажаме во што подобро светло и да ја заборавиме минатата сезона“, вели Ангеловски.
Подготовките ќе се одвиваат во три фази.
„Подготовките ќе ни бидат во три фази. Првата фаза е во Битола, а јас тоа го побарав за самите играчи да ја почувствуваат атмосферата во градот. Потоа одиме на Златибор каде што ќе ги имаме базичните подготовки12 дена. Последната фаза ќе бидат натпреварите на турнирите“, продолжи Ангеловски.
На првиот тренинг беа присутни петте засилувања за новата сезона.
„Првенствено екипата е посилна за тие што останаа, а тоа е голем дел од тимот. На местата на оние кои заминаа од клубот се доведени подобри. Потребни ни се уште двајца до тројца нови ракометари за кои сме во потрага, пред се мислам за голман и кружен напаѓач, можеби и некој во надворешната линија“, заврши Ангеловски.