Ангелески е херојот – Прилеп ја доби драмата со Пролет!

Тимот на Прилеп и натаму е на максимум во суперлигашкиот плеј-аут, откако славеше кај Пролет со 30-29 и ја запиша четвртата победа во четвртиот натпревар во битките за опстанок.

Херој на прилепчани е голманот Иван Ангелески, кој одбрани пенал по истекот на времето по ударот на Стоилевски. Тој успеа да одбрани дури 14 удари на противничките ракометари, а последната беше вредна два бода.

Гостинскиот тим отвори подобро и брзо поведе со 3-0, а потоа ја одржуваше предноста во следниот период. Сепак, Пролет не се предаде, успеа да се врати во игра, па дури во еден момент имаше и два гола позитива, но на пауза се замина со реми, 15-15.

На стартот од второто полувреме, капитенот на домашните, Ласко Андоновски со два брзи гола донесе водство од 17-15 за Пролет, но Прилеп повторно возврати и го презема водството.

Во финишот, Прилеп водеше со 27-24, Пролет намали на минус еден, а потоа не ја искористи шансата за израмнување. Тоа гостите го казнија со два брзи гола за 30-27, но драмата тука не заврши.

Домашниот тим намали на 30-29 и во последната секунда доби пенал за реми, откако не реализираше Шипинкоски. Пеналот го шутираше Стоилевски, но Ангелески беше поуспешен и радоста на Прилеп можеше да почне.

Шипинкоски беше најдобар стрелец со седум гола кај Прилеп, а Димитриоски и Илиески дадоа по пет погодци, додека кај Пролет се истакнаа Стоилевски и Андоновски со по седум гола, а голманот Солев имаше 12 одбрани.