Андоновски ќе игра за последен пат: Натпреварот против Тиквеш мора да го добиеме

Ракометарите на Охрид на домашен терен ќе се соочат со Тиквеш во директна пресметка за четвртото место на табелата што води во Европскиот Куп.

Двете екипи имаат по пет бодови, но предноста ќе ја имаат охриѓани, а овој меч ќе биде последен во составот на Охрид за левото крило и легенда на домашниот тим – Крсте Андоновски.

Тој од лето ќе биде во стручниот штаб на Борис Ројевиќ.

„Оваа сезона ми е последна, овој натпревар ми е последен, па се надевам дека со победа ќе ставам крај на мојата играчка кариера“, вели Андоновски.

Охрид и Тиквеш имаат по пет бодови.

„Уште од стартот на сезоната се знаеше дека главен конкурент за излез во Европа ќе ни биде Тиквеш. Се доведовме во ситуација по поразот од Бутел дома да мораме сега да славиме против кавадарчани. Се надевам дека со добра игра на овој натпревар, ќе ја исполниме целта, ќе оствариме победа и ќе го потврдиме четвртото место што ќе значи настап во Европа“, продолжи Андоновски.

Левото крило вели дека клучна ќе биде одбраната.

„Имаме позитивен скор, би рекол ни лежи екипата на Тиквеш, но притисокот можеби е на наша страна, бидејќи овој натпревар мора да се добие. Ако се одигра добра одбрана, тоа ќе биде пресудно во наша корист“, заврши Андоновски.

Натпреварот меѓу Охрид и Тиквеш се игра вечерва со почеток во 20:00 часот.