Тимот на Охрид по поразот од Вардар посакува да се врати на победничките патеки во Супер машката лига, а одново ќе игра на домашен терен против Еурофарм Пелистер 2.
Асистентот на тренерот Борис Ројевиќ, Крсте Андоновски, вели дека во следните три меча мора да се влезе со максимален фокус.
По мечот со Еурофарм Пелистер 2, охриѓани ќе гостуваат во Кавадарци кај Тиквеш, а потоа дома доаѓа шампионот Еурофарм Пелистер.
„Зад нас е натпреварот со двократниот европски шампион Вардар кој е прв фаворит за освојување на домашното првенство оваа сезона. За жал, не успеавме да извојуваме победа на тој натпревар, но мислам дека го дадовме максимумот со оглед на тоа што минатата недела тренинзите се одвиваа без присуство на неколку клучни играчи. Ни следува згуснат распоред. Во наредните осум до девет дена играме три важни натпревари. Во петок ја пречекуваме екипата на Еурофарм Пелистер 2. Во среда имаме тешко гостување со екипата на Тиквеш во Кавадарци и во недела на домашен терен го пречекуваме актуелниот шампион на Македонија, екипата на Еурофарм Пелистер. Се надевам дека играчите кои се пожалија на повреди изминатиов период ќе се опорават и максимално подготвени, фокусирани ќе влеземе во овие натпревари и заедно ќе се радуваме“, изјави Андоновски.
Мечот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер 2 се игра утре во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 18:00 часот.
























