Андоновски блесна со 11 гола, Младост-експрес се прошета низ Штип

Лидерот во прволигашката конкуренција, Младост Богданци, забележа нова победа и славеше на гостувањето кај Текстилец со убедливи 35-22.

Предводник на богданчани беше Даниел Андоновски, кој дури 11 пати ја затресе мрежата на противничкиот тим, а осум гола додаде Бразилецот Жоао Гекас.

Во домашниот тим Филип Џинес имаше седум реализации, додека Јован Атанасовски постигна шест, но тоа беше премалку за нешто повеќе на овој дуел.

Имаа и штипјани свои моменти во првиот дел, но тоа беа само индивидуални блесоци, па Младост на паузата водеше со 19-14, а комплетно доминираше во второто полувреме.

Сега тимот на Горан Андоновски има осум од осум на првото место и 16 бода, пред Вардар Неготино, Драчево Јуниор и „витамините“ од Автокоманда кои имаат по 14.