Тимот на Астибо оствари втора победа по ред, откако славеше на гостински терен кај Шампион со 27-21 во четвртото коло од Женската лига.
Исто како и минатиот викенд во триумфот над Гевгелија, така и против Шампион, штипскиот тим до бодови го водеше Марија Анчева, која сега постигна 18 погодоци.
Уште од стартот на мечот, избраничките на Дејан Величков ја градеа предноста и до паузата имаа плус пет, 15-10.
Во вториот дел само ја одржуваа разликата и на крајот на заслужено се радуваа на три бода од гостувањето во Скопје. Не беше проблем ниту црвениот картон што го доби Кировска по трите исклучувања во 39 минута.
Покрај Анчева, која имаше 18 гола, а десет од седмерец, во победничкиот тим се истакна и Богоевска со пет погодоци. Кај Шампион, Димитриевска имаше осум, а Филипова седум гола.