Како тренер и како Македонец, за мене ова не е нерешен резултат туку една голема победа!
На тежок ден за ракометните работници во Македонија, нашата репрезентација на првиот натпревар на Светското првенство против апсолутниот фаворит Унгарија го одигра за мене најдобриот натпревар по ерата на Лазаров, Миркуловски, Стоилов, Георгиевски… Како тренер и како Македонец, за мене ова не е нерешен резултат туку една голема победа! Селекторот Кирил Лазаров покажа дека тактички знае да ја води селекцијата и да им парира на „големите“ како што тоа го прави на клупски план и ги победува Вардар и Еурофарм Пелистер со нивните странски ракометари во домашното првенство.
Како што очекувавме Лазаров стартуваше со 6-0 одбрана и со најдоброто решение кое го има во моментов Лазаревски и Маркоски на средина, феноменалниот Велковски на халф, единствената слаба точка во првиот дел од дуелот Петар Атанасијевиќ, Костески на крило и најпаметниот потег што можеше да го направи, да го одмора Кузмановски на краен за да биде свеж и да води полуконтра, но и комплетниот напад како што му доликува – капитенски.
Во текот на цело прво полувреме имавме одлична ротација на играчи, одмораше Кузмановски по минута – две, се менуваа Велковски и Серафимов, Митев со Георгиев, и така се одржуваше свежината во екипата во мечот кој имаше пеколно темпо. Фантастично ги покривавме противничките пикери со двајца, на моменти и тројца играчи, а истовремено бевме агресивни и кон бековите и одигравме најдобро во дефанзивата откако ја следам репрезентацијата. Ќе потенцирам дека Атанасијевиќ потфрли во првиот период бидејќи го остави Илиќ да го „решета“ Митревски. Најискусниот во репрезентацијата имаше ново перфектно издание на голот, особено во финишот. Митревски заедно со Кузмановски, како што им доликува, беа вистински лидери на теренот. Потенцирав и пред натпреварот дека Лазаров има решение за играта во нападот, а тоа се потврди уште во првото полувреме кога нашите бекови лесно наоѓаа решение во гранитната одбрана на Унгарија, која е можеби и најдобрата во Европа. Штета што и покрај таквата партија на полувремето не заминавме со два-три гола предност.
Во вториот дел Унгарците уште повеќе ја стегнаа одбраната, играа дрско, грубо и провокативно, но нашите храбри момци не подлегнаа на притисокот. Имавме проблеми со нападот, во текот на целото второ полувреме за да дојдеме до позиција за гол. А и кога ќе ја создадевме имавме низа промашени зицери, ќе потсетам на неколку: на 20:19 и шанса за плус два Атанасијевиќ промаши зицер, потоа на 20:20 Кузмановски не реализираше зицер, па и Пешевски пропушти таква ситуација на 22:22, потоа Серафимов на 23:22 и сето тоа во моменти кога се решаваше натпреварот. Нормално е и да се промаши, особено во ваков дуел кога постои толку голема желба и мотив, кои беа видливи во текот на целиот меч, како и одличната игра, која оној кој сакаше можеше да ја види. Навистина е штета што не го искористивме последниот напад. Наместо да одиме на гол и да погодиме за победа, решивме да ја чуваме топката. Но тоа е спорт, тоа е еден момент…
Сакам да им честитам на нашите играчи и за одлично спроведената тактичка замисла, да играме исцрпувачки долг напад од првата до последната минута, односно додека судиите не кренат рака и не влеземе во пасивен напад. Со таквата игра го нервиравме противникот, го теравме да греши додека ние бевме мирни и истовремено нивната добра игра во одбрана не вроди со плод. Денешната игра и прикажаното на теренот ми даваат надеж. Ако играме со 80 посто од она што денеска покажавме дека можеме верувам дека ќе ја победиме и Холандија и Гвинеја, а потоа во главната рунда ќе се радуваме и против Австрија која е без главниот бековски тандем, како и Катар со истрошените ракометари во составот. Единствен следен тежок противник на патот ќе ни биде Франција…Но, за тоа потоа.
Биди горда Македонијо! Овој бод е како победа!