Тоа воопшто не ја намалува нашата победа затоа што првпат откако паметам Македонија на едно големо натпреварување е беспрекорно физички подготвена и петтиот натпревар на СП го игра со истото темпо како и првиот меч.
Уште еден одличен натпревар на нашата гордост – машката ракометна репрезентација на ова Светско првенство. Потполно заслужена победа, која се должи на феноменалниот напад, одличната транзиција и двоцифрениот број на одбрани на двајцата наши голмани – вкупно 14. Катар е најстара репрезентација на СП и не можеше да го издржи темпото кое го наметна Македонија. Тоа воопшто не ја намалува нашата победа затоа што првпат откако паметам Македонија на едно големо натпреварување е беспрекорно физички подготвена и петтиот натпревар на СП го игра со истото темпо како и првиот меч. Катар е сепак една селекција со квалитетни ракометари, но 60 минути немаше шанса да нè изненади.
Првите десет минути игравме изедначено, но брзо се одлепивме на 6:3 и 7:4 и како и на дуелот со Австрија следуваше мал пат со кој го вративме во игра противникот и нов егал 9:9 во средината на мечот. Одличниот напад и убиствената контра беа причина што создадовме солидна предност 16:13 во 22 минута. Во тие моменти од играта од вкупно 16 голови на Македонија, седум беа од контра напад, бидејќи ја користевме староста на противникот. Кизиќ на голот имаше само три интервенции во тој период, па Лазаров го испрати Митревски на загревање и со тоа како дополнително да го мотивираше Кизиќ, кој влезе во елемент и имаше шест одбрани од кои четири зицери и се одлепивме на највисоки 20:14.
Во вториот дел игравме рутински. Го задржавме одличниот напад, постигнувавме голови од транзиција, од која имавме двоцифрен број погодоци и не му оставивме простор на противникот да се надева на пресврт. Во првиот дел лидер беше Митев заедно со Лазаревски, додека во вториот Пешевски кој го замени Лазаревски на линијата ја превзема иницијативата. Кузмановски во натпреварите од главната фаза не игра на нивото од претходните три дуели во групната рунда, но тоа е затоа што ја носи тежината да биде меѓу најдобрите стрелци на ова првенство. Сепак останува главен играч и двигател на репрезентацијата. Бевме разноврсни во нападот и беше вистинско уживање да се гледа една ваква Македонија. Имавме и грешки во транзиција, нормално е кога играш брзо и да грешиш. Вујовиќ и Катар се обидоа со се да не запрат, последно беше играта „седум на шест“, но брзо се откажаа и од тоа, откако примија голови од брз центар на празен гол.
Ќе повторам дека сме горди на нашите репрезентативци со игрите на ова СП. Видлив е огромен напредот во напад, транзиција, солидни голмани. Мое мислење е дека ако сакаме да одиме скалило погоре потребно е стручниот штаб во периодот што следи да ја поправи играта во одбрана. Дали тактички или со избор на други играчи, тоа е нивно, бидејќи единствено против Унгарија дефанзивната линија беше на високо ниво. Ракометните стручњаци се сомневаа дека Лазаров после неговата ера ќе изнајде решение за квалитетен напад. Тој со својата работа покажа дека Македонија знае да одигра добро во напад и да постигнува голем број погодоци. Затоа не се сомневам дека во следниот период ќе ја корегираме и одбраната со што би биле уште поконкурентни на големите натпреварувања.