АНАЛИЗА СП 2025 МАКЕДОНИЈА – ФРАНЦИЈА: Константно добрата игра ни донесе огромен скок на светската сцена

Со тоа се заокружи нашата константно добра игра во текот на целиот мундијал и ни донесе драстичен скок од пред две години (кога завршивме на 27. место), а сега сме позиционирани на одличното 15-то.

Машката ракометна репрезентација на Македонија и на последниот настап на Светското првенство одигра уште еден добар натпревар во низата. Од една страна беше важно да видиме дали може да се носиме и играчки и резултатски со една од двете најдобри светски селекции во моментов – Франција, а од друга натпреварот имаше резултатско значење за нас, бидејќи разликата со која го загубивме го одреди нашиот пласман на првенството. Со тоа се заокружи нашата константно добра игра во текот на целиот мундијал и ни донесе драстичен скок од пред две години (кога завршивме на 27. место), а сега сме позиционирани на одличното 15-то.

Натпреварот со Франција го отворивме со промена во дефанзивната линија каде на централните позиции беа Стојковиќ и Лазаревски, со Џонов на халф. Но и ова решение се покажа како непрактично и нефункционално. Игравме изедначено до деветтата минута, период во кој Митев и Кузмановски беа ефикасни во нападот. Одбраната беше попустлива, а не ги искористивме ниту двете минути со играч повеќе при резултат 5:5, по директниот црвен картон за Наи. Серафимов не реализираше пенал, Лазаревски утна зицер и Франција поведе со 8:5. Ја корегиравме играта во двата правци, Митревски имаше три интервенции и преку Костески стигнавме до нов егал 9:9. Франција повторно ја покажа силата, а ние промашивме два пенали, неколку зицери и противникот создаде солидна предност и сигурност во играта. Во нападот преку Митев, Кузмановски, се приклучи и Серафимов и изгледавме добро и покрај одличната и ангажирана одбрана на Франција. Проблем ни беше дефанзивата! Немавме дуел игра кон бековите, ниту најдовме начин како да ги спречиме Мем, Пранди, Ремили… ги чекаме премногу ниско во одбрана, и тие тоа го искористија за на полувреме да заминат со 17:14.

Во вториот дел Франција почна да ротира, Пранди и Ремили беа заменети со Брие и Мим, но тоа не направи проблем во нивната игра. Ние во воведните 10 минути од вториот дел тешко доаѓавме до гол и постигнавме само два погодоци. Митревски со одличната игра и многуте технички грешки на противникот во нападот ни овозможија во средината на второто полувреме да се доближиме на 24:20. Она што мора да не радува е што и покрај ротацијата на Французите, тие беа доста ангажирани и не оставаа ништо на случајност. Факт е дека игравме против комплетна Франција, каде единствено Фабрегас доби поштеда, а ние во голем дел од натпреварот бевме рамноправни со една од најголемите ракометни сили во моментов. Дека не се чувствуваа комотни и супериорни во дуелот со нас говори и тоа што при резултат 26:22 селекторот на Франција се уште не беше сигурен во победата на неговата екипа и го побара вториот тајм-аут – тоа доволно зборува за квалитетот и прикажаното на Македонија на овој дуел.

Што да кажеме за крај!? Ова беше големо, позитивно претставување на македонскиот ракомет на светска сцена каде покажавме огромен напредок во играта во напад и имаме решение за најдобрите светски одбрани на Унгарија и Франција. Имаме подобрена транзиција, имаме трилинг одлични голмани, кои го потврдија тоа на ова СП, но не смее да го изоставиме и Томовски. Единствен проблем, кој го споменав и претходно, останува одбраната! Со просек од над 32 примени голови на секој натпревар не можеме да одиме скалило погоре. Колку за споредба – Данска и Франција, кои се две најдобри селекции во светот и покрај тоа што се премногу силни во офанзивата, големо внимание посветуваат на дефанзивата. Ние треба да го следиме тој пример. Ќе биде тешко во иднина за нас да го задржиме овој континуитет на играта во напад и транзиција, ако не ја корегираме одбраната.

Заклучокот е: Горди сме на нашата репрезентација, која не направи горди Македонци и овој јануари!