Американците нема да ги видат европските ѕвезди во Лас Вегас!

Предсезонскиот турнир, кој требаше да се одржи во Лас Вегас, поради нестабилната политичка состојба е преместен во Европа, соопштија организаторите.

На турнирот беше планирано учество на четири машки и четири женски екипи. Во машка конкуренција требаше да настапат Фуксе Берлин, Нант, Алборг и ПИК Сегед, додека кај дамите беа најавени Ѓер, Брест, Оденсе и Ишикава од Јапонија.

Турнирот имаше за цел да ја зголеми популарноста на ракометот во САД, но организаторите донесоа одлука за промена на локацијата. Сепак учесниците остануваат истите, но наместо во Лас Вегас, турнирот ќе се игра во Европа.

„На турнирот и понатаму ќе учествуваат осум од најдобрите ракометни клубови во светот, како и репрезентацијата на САД. Ова ќе биде најголемиот подготвителен турнир во историјата. Во изминатите месеци бевме во постојан контакт со сите партнери. Поради непредвидливата политичка состојба меѓу САД и Европа, решивме првото издание да го организираме во Европа. Во нормални услови политиката не би влијаела на ваков спортско-културен проект, но во моментов ризикот од непредвидени проблеми е преголем“, објаснија организаторите.

Тој додаде дека целта за развој на ракометот во САД пред ОИ во Лос Анџелес во 2028, останува, но во овој момент приоритет е успешно реализирање на големиот настан со веќе потврдените клубови и партнери, а конечните детали ќе бидат објавени наскоро.