Ракометарите на Охрид убедливо го победија Тиквеш со 32-23 и го освоија четвртото место во Супер лигата што носи пласман во Европскиот Куп на ЕХФ.
Со подеми и падови во текот на сезоната, на крајот охриѓани се изборија за посакуваниот излез во Европа, а тренерот Стевче Алушовски, кој мина две сезони на клупата на овој тим, ги сумира импресиите.
„Задоволен сум од тоа што Охрид втора сезона по ред избори место во Европа и ја остварува првичната цел. Среќен сум што ја остваривме целта, но несреќен сум што не успеав да ги убедам играчите и дел од луѓето што го водат клубот, дека оваа екипа може многу повеќе, дека треба некои работи да се променат за да биде Охрид на повисоко ниво и да се носи со големата тројка. Поминав две убави сезони во Охрид, вредно работевме сите заедно, зошто и како не успеавме да бидеме погоре е нешто за подлабока анализа, но сметам дека фалеше малку поголема поддршка на моите методи за Охрид да биде место две погоре“, вели Алушовски.
Тој си заминува задоволен од Охрид по двете сезони покрај езерото.
„Во мојата изјава среќен, а несреќен треба да препознаете нешто. Среќен што ја остваривме целта, а несреќен што не успеавме да стигнеме до нешто повеќе, но тоа е за подлабока анализа. На крајот сепак си заминувам среќен затоа што ја остварив целта што ми беше зададена. Охрид е град кој го сака спортот. Имаше натпревари на кои имавме полна сала, се надевам дека Охрид и градоначалникот ќе направат респектибилен тим и дека во иднина ќе бидат уште подобри“, продолжи Алушовски.
Тој ќе има нов предизвик во кариерата.
„Сега засега ми треба добар одмор, од сите случувања оваа сезона во клубот, но секако дека ќе имам нов предизвик во кариерата и ќе се гледаме на ракометните терени. Немам ништо конкретно за да откријам, но каде и како ќе бидам ќе дознаете наскоро“, заврши Алушовски.
Охрид втора сезона по ред ќе биде дел од Европскиот Куп на ЕХФ и би требало да стартува од второто коло.