Алушовски: Не дојдовме во Турда да ја браниме предноста, туку да победиме

Ракометарите на Охрид веќе се втор ден во Романија, каде што утре ќе го одиграат вториот натпревар од второто коло во Европскиот Куп против Потаиса.

Избраниците на Стевче Алушовски, иако имаа и плус осум, на крајот во Охрид славеа со шест гола разлика, 31-25 на Турда и отпатуваа во победничка атмосфера по триумфот над Пролет во суперлигашкиот меч.

Стратегот Алушовски вели дека тимот не допатува во Романија за да ја брани предноста од првата средба, туку за нова победа.

„По триумфот над Турда во првиот меч ја искористивме неделата да се подготвиме што подобро за реваншот и на натпреварот со Пролет пробавме некои варијанти што ќе ги користиме утре. Како што кажав и пред првиот меч, ова е двомеч со две полувремиња, првото го добивме со шест разлика, но не дојдовме овде да се браниме, туку и тука да победиме. Добро ги анализиравме, спремни сме и мислам дека ќе биде се во ред на утрешниот натпревар“, вели Алушовски.

Тој смета дека Турда не може да изенади со нешто плус, но дека тимот ќе биде подготвен да реагира на самиот натпревар.

„Она што го анализиравме пред првиот меч, мислам дека тактичките замисли беа перфектно изведени од наша страна, со некои мали недостатоци во нападот, а што се однесува до одбраната, се беше коректно. Не очекувам дека тие можат нешто да променат за една недела. Што и да променат, ќе бидеме спремни и ќе реагираме на самиот натпревар. Ние нормално дека некои детали од играта ќе ги промениме, се со цел да ги изненадиме и да имаме варијанта плус, како во напад, така и во одбрана“, продолжи Алушовски.

Познат факт е дека тешко се победува на овој терен во Романија, па дури и најсилните секогаш имале проблеми.

„Турда е екипа меѓу водечките екипи во Романија и нивниот терен е жежок за сите екипи. Како што знаеме во минатото играле многу добри натпревари против квалитетни екипи, но тоа не не плаши, ниту нивната домашна атмосфера. Екипата е доволно спремна да одговори на сите предизвици, знаеме што не очекуваме, а во составот имаме играчи што играле тука како Ојлески и Орјоникидзе, кои беа дел од романски екипи. Спремни сме психички, за се што ни претстои во сите 60 минути максимално да одговориме и на крај да се радуваме на пласман во третото коло“, заврши Алушовски.

Реванш средбата меѓу Турда и Охрид се игра утревечер во „Турда Арена“ со почеток во 17:00 часот.