По дуелите со Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер, ракометарите на Охрид ги очекува нов дерби натпревар во суперлигашкиот плеј-оф и тешко гостување кај Вардар.
Стратегот Стевче Алушовски, вели дека секој натпревар од плеј-офот е дерби, без разлика против кого и каде играте.
„Секој натпревар во плеј-офот е дерби натпревар, без разлика со кој ривал играте, значи на секој меч треба да сте 100% подготвени за да се надевате на успех. Во моментов Вардар е во подобра серија со две победи, добар моментум, ние имаме кадровски проблеми со повредата на Бојаниќ, се повредија и Мацуока и Орјонокидзе, а на последниот натпревар ги загубивме Јотиќ и Чаневски, но и покрај тоа ќе направиме се што е во наша моќ со ростерот кој ни останува да направиме добар резултат и нема да излеземе со бело знаменце во Скопје. Сме играле досега два пати во сезонава со Вардар, се познаваме добро, а во ова модерно време многу тешко може да се скрие нешто или да се изненади некој. Ќе пробаме со некои измени, со некои тактички варијанти, да си го олесниме натпреварот, но тешко дека со нешто ќе се изненадиме и ние и тие. Очекуваме добар натпревар, нема што да загубиме, играме против екипа што е апсолутен фаворит, па без многу психолошки притисок ќе пробаме да го изненадиме Вардар“, вели Алушовски.
Тој се соочува со големи играчки проблеми.
„За натпреварот со Вардар надвор од конкуренција се Јотиќ и Чаневски, а мали се шансите да игра Орјоникидзе. Се надевам дека Мацуока ќе може да ни помогне во Скопје. Кога играте натпревари среда-сабота е тешко ако немате квалитетна ротација. Ние во неделата имавме само четири бека, се повреди Јотиќ во 23 минута, но игравме добро, бевме на топка и штета што не извлековме поволен резултат. Што е тука, првенството е долго, ќе направиме се Охрид да заврши на крајот на што е можно повисоко место и да изненадиме некој“, продолжи Алушовски.
Охрид имаше многу шанси да сруши некој од Вардар и Еурофарм Пелистер, но на крајот секогаш ги губи натпреварите и покрај тоа што има водство.
„Многу е тешко кога нема да се учи од грешки. Ние и минатата сезона во Битола имавме позитива од два гола до 50 минута, а на крајот изгубивме со четири. Сплет на околности, неискуство на дел од играчите, големината на дресот на противничките тимови, некоја психолошка бариера, иако не гледам зошто кога добро тренираме, имаме систем, не гледам зошто се плашиме од укажаната шанса. Досега не можевме да промениме ништо, јас се надевам дека момците ќе сфатат дека вредат, дека тоа е еден од најголемите проблеми на дерби натпреварите што не излегуваме со позиција на сила, поготово дома, а се од таа бариера од дресот на Вардар, на Еурофарм Пелистер, па и на Алкалоид, кој ниту по традиција ниту по резултати не е поголем од Охрид туку на исто рамниште. Можеби таму имаат повеќе репрезентативци со акумулирано играчко искуство, им дава за право да кажат дека се фаворити против Охрид. Искрено жалам што не успеавме тоа што водевме против Вардар и Еурофарм Пелистер да го претвориме во победа. И не се само тие натпревари, туку дузина натпревари не само во Охрид кога сум јас тренер, ако се вратиме малку назад и кога сум бил во Еурофарм Пелистер, да сум ги добил половина од овие натпревари, би било многу подобро за мене како тренер и за екипите што сум ги водел. Тоа е некој феномен, некоја карма која мене ме прати. Но првенството е долго, набиен распоред, ние очекувам да се комплетираме. Можеме против секого на било кој терен, не се плашам од никој и ја спремам екипата на секој натпревар да оди на победа, се е можно. Нашата примарна цел е да излеземе во Европа, се надевам ќе ја оствариме и ако можеме да изненадиме во Купот“, заврши Алушовски.
Натпреварот меѓу Вардар и Охрид се игра во СЦ „Јане Сандански“, утре со почеток oд 18:00 часот.