Mакедонскиот првак Еурофарм Пелистер утре го игра натпреварот против данскиот ГОГ Гудме, на кој со победа може да ги одржи „живи“ надежите за осминафинале во Лигата на шампионите.
Тренерот Стевче Алушовски знае од каде доаѓа најголемата опасност кон голот на битолчани и се става акцент токму на тој сегмент.
„Го анализираме ГОГ Гудме, знаеме кој е вицешампионот на Данска. Загубивме тука во Битола од нив, но тоа не значи дека ќе биде исто и во реваншот. Нивен најголем адут е играта „седум на шест“ и играат добро со двата пивоти. Треба добро да се подготвиме. За играта „шест на шест“ ќе се подготвиме, но главен проблем ќе биде таа игра „седум на шест“, како и во Битола. Ставаме акцент на тој сегмент, а ќе промениме и некои детали во нападот. Но, не ја гледаме шансата да го добиеме натпреварот преку играта во напад, туку благодарение на одбраната. Секогаш наша основна цел е играта во одбрана. Ако ја сопреме нивната игра „седум на шест“, имаме шанси да се вратиме со позитивен резултат“, изјави Алушовски.
Натпреварот меѓу ГОГ Гудме и Еурофарм Пелистер се игра утревечер во „Свендборг Арена“ од 18:45 часот.

























