Во германскиот ракомет се разгорува полемика околу една од најчувствителните теми во спортот – еднаква плата за мажи и жени. Главни актери во јавниот судир се поранешната ракометарка на Вардар, Ања Алтаус (42) и поранешниот европски шампион Тобиас Рајхман (37).
Алтаус која играше во Скопје, па остана да работи и во македонскиот клупски ракомет, а потоа и во Ракометната федерација на Македонија, од 2024 година е тим-менаџер на женската репрезентација на Германија, јавно реагираше на колумна на Рајхман објавена на порталот handball-world, во која тој пишува дека „женскиот ракомет заслужува повеќе средства – но треба да ја прифати реалноста и да ги намали очекувањата“.
Срамота? Да. Неправедно? Апсолутно. Но тоа е реалноста, пишува Рајхман во текстот, потенцирајќи дека за вистинска промена е потребен „функционален модел на финансирање, не само рамномерно делење пари“.
Алтаус не остана должна и напиша остар одговор на Инстаграм.
„Благодарам Тобијас Рајхман за овој совршен пример како еден ‘маж’ размислува и особено како зборува. Жена ‘треба само да ја прифати реалноста и да пече мали лепчиња’. Тоа значи дека една жена, која тренира исто како тебе (двапати дневно), се подготвува за натпревари, патува, игра во Лигата на шампионите, дава сè од себе за да биде успешна – и тоа и е! – плус најверојатно студира, работи, е мајка…таа треба да сонува помалку и едноставно да прифати сè, само затоа што е жена? Дека отсекогаш било така – мажите биле повеќе поддржани, а жените не? Затоа што така било отсекогаш? Жена треба да чека додека некои мажи решат да инвестираат во женскиот ракомет? Особено бидејќи оваа тема е толку комплексна, вреди ли едноставно така да се напише текст од никаде, и целата оваа огромна тема да се сведе на заклучок: сонувајте помалку, прифаќајте повеќе. А да, и печете си мали лепчиња.
Еве едно прашање: Дали некогаш си се запрашал зошто во други земји – а патем сите тие се многу помали од Германија – работите одат многу подобро отколку кај нас? Жените таму се повеќе почитувани и поддржани. Големи компании – вклучително и германски – инвестираат во женскиот ракомет. Но не и во Германија. Си размислувал ли некогаш за тоа?
Благодарам што размислуваш за женскиот ракомет. Ако сакаш понатаму да го развиваш твојот интерес за темата, би ми било мило да размениме мислења. Те поканувам на еден семинар, па ќе можеме подлабоко да ја разгледаме оваа комплексна тема“, напиша Алтаус.
На ова веднаш возврати и Рајхман, признавајќи дека „некои работи можеби биле преекспонирани“ и малку ја спушти топката.
„Женскиот ракомет заслужува повеќе внимание и фер плата за својот труд“, напиша Рајхман.
Оваа дебата доаѓа само неколку месеци пред Германија, заедно со Холандија, да биде домаќин на Светското првенство за жени (27 ноември – 12 декември), со натпревари во Дортмунд, Штутгарт и Трир.
Иако судирот меѓу двете германски легенди доби лична нота, тој отвори важна тема за финансирањето и третманот на женскиот спорт – тема што, очигледно, ќе се разгледува уште долго време.