Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во натпревар од 12. коло од Лигата на шампионите оствари важна победа на свој терен против Динамо Букурешт, триумфираше со 25:24 и остана во игра за пласман во осминафиналето.
Најзаслужен за победата на домашниот тим беше голманот Никола Митревски, кој го одбрани последниот шут на Зеин за голема радост на домашните фанови.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо, ги истакна импресиите по добиениот натпревар.
„Најпрво сакам да им честитам на играчите за одличниот натпревар.. Игравме против доста добар тим кој исто така проба се за да го добие овој натпревар. Ми се допадна како ние победивме и како тоа го направивме за да славиме во оваа голема борба. Знаевме дека мечот ќе биде многу тежок, но останавме заедно обединети до крајот, баравме решенија кога нештата не одеа баш најдобро, имавме шанси и да избегаме на повисока предност, па мислам дека заслужено ги освоивме бодовите. Во првото полувреме тргнавме добро, а потоа Динамо покажа квалитет и се врати во натпреварт по нашите промашувања, но во вториот дел покажавме карактер. Убаво е да се види како ја креираме таа сила на тимот во кој секој играч е важен – играчи кои играат 60 минути, играчи кои играат едно полувреме, десет минути или не играат. Можеби имавме и малку среќа на крајот, ама победивме. Јас сум многу среќен затоа што успеавме да победиме пред нашата публика“, изјави Алонсо.
Еурофарм Пелистер во 13. коло од групната фаза ќе гостува кај Фуксе Берлин, потоа на свој терен ќе го пречека ПСЖ.
Митревски херој, Еурофарм Пелистер ја доби драмата со Динамо!