Алонсо: Кога не ги искористивме шансите за победа, добар е и бодот

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер не ја победи данската Фредериција, но успеа да освои бод во пресметката што заврши 29-29.

Новиот стратег Раул Алонсо вели дека е среќен за неговите играчи, кои не се откажуваа до самиот крај од борба за победа.

„Ова беше специјален натпревар за мене. Среќен сум за пречекот што го имам во Битола, но и среќен за моите играчи, кои се бореа до крај и не се откажуваа. Имавме кратко време да се подготвиме за Фредериција. Беше возбудливо до самиот крај. Противникот водеше во првиот дел, но во второто полувреме, знаевме дека ќе се вратиме со помош на публиката и имавме шанси да победиме. Кога не ги користите, добар е и бодот. За нас е важно сега да се фокусираме на следниот натпревар од лигата, а потоа и за Веспрем“, изјави Алонсо.

Пелистерци следниот натпревар од елитната конкуренција го играат на гостински терен кај Веспрем на 28 ноември со почеток во 20:45 часот.