Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер славеше со 33-20 во пресметката со „сино-белите“ од Автокоманда.
Тренерот Раул Алонсо вели дека анализата на противникот беше клучна за убедливата победа, но и добрата одбрана.
„Имавме добра подготовка за противникот, но и респект. Знаевме дека нивниот тим е граден неколку години и покажа квалитет. Ние оставивме неколку тешки недели зад нас, но моите играчи завршија одлична работа. Ги анализиравме добро, игравме добра одбрана и променивме некои работи што ни дадоа квалитет плус, тоа ме прави како тренер многу горд“, вели Алонсо.
Сега пред македонскиот првак се две тешки средби од Лигата на шампионите против Фуксе Берлин и ПСЖ, како и два меча од Супер лигата против Радовиш и Бутел Скопје пред репрезентативната пауза.
„Имаме добра атмосфера во тимот и тоа ни помага да се подготвуваме за тешките натпревари. Но како што кажав на првиот мој ден во Битола – не значи дека ако победувме на сите мечеви дека се е добро, или обратно. Имавме одлична поддршка од нашите навивачи, кои ни помагаат да ги исполниме нашите цели. Сепак имаме уште работа пред нас, има уште што да поправиме, направивме некои грешки што не ги правевме досега. Но сакам да правиме нови грешки, тоа значи дека се развиваш, и дека си станал повеќе пати отколку што си паднал“, заврши Алонсо.
Следен предизвик за битолчани ќе биде гостувањето в четврток кај Фуксе Берлин во Лигата на шампионите.