Ракометарите на Еурофарм Пелистер со пораз го завршија настапот на европска сцена сезонава, откако во последното коло од групната фаза беа поразени од ПСЖ со 35:26.
Иако битолскиот тим не ја помина групната фаза, сепак, остави солиден впечаток борејќи се рамо до рамо, посебно на домашен терен, со посилните клубови.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо, го коментираше поразот и истакна дека е горд на своите играчи.
,,Јас сум многу горд на Битола и на моите соиграчи, бидејќи денес дадовме се што можевме од нашите редови. Имавме лоша недела со ракометари кои беа болни, па не ни беше многу лесно да се подготвиме за денешниот натпревар. За нас, натпреварот тргна лошо, а ПСЖ кој е еден квалитетен тим ги искористи првите десет минути за да направи разлика, но ние се вративме, се боревме….Можеби не бевме на ниво во одбраната, имавме минис пет на полувреме, но како што кажав, горд сум на овие играчи, дадоа сѐ од себе и знам дека овие натпревари ќе ги направат уште посилни. На крајот шанса имаа и помладите играчи, а публиката ја препозна нашата борба и цело време беше со нас”, изјави Алонсо.
Голманот Филип Ивиќ им се заблагодари на навивачите за големата поддршка од трибините.
,,Во оваа прилика би сакал да му честитам на ПСЖ за борбеноста, за мене е една од најдобрите екипи во Европа, тоа се покажа и на овој натпревар. Ние во ЛШ го покажавме нашиот квалитет и дека може да се носиме со врвни екипи. Благодарам на Битола за атмосферата, ова беше најдобрата атмосфера во која сум играл. Следна година ќе се обидеме да освоиме што е можно повеќе бодови да одиме во следна фаза во ЛШ. Сега фокусот ни е кон лигата и Купот, се надевам дека ќе ја донесеме пак титулата во Битола“, изјави Ивиќ.
Еурофарм Пелистер сега ќе биде целосно фокусиран на домашните обврски.