Aлександра Коловска од Автокоманда се пресели во Чаир

Продолжуваат низата заминувања од тимот на Металург Автокоманда, а кружниот напаѓач Александра Коловска е осмата ракометарка што заминува од клубот, дознава 24Ракомет.

Таа ќе го засили составот на Чаир, кој оваа сезона атакува на титулата во Супер женската лига. Иако Металург Автокоманда беше на лидерското место, сепак поради беспарицата и лошата финансиска ситуација, доведена е во прашање егзистенцијата на клубот, па Чаир и Ѓорче Петров остануваат фаворити за тронот.

Коловска беше столбот на одбраната на Металург Автокоманда, претходно играше и за Металург, за Вардар, а поранешната младинска репрезентативка на Македонија настапуваше и за словачката Јувента Михаловце.

Чаир добива друштво за Хана Мифтари на линијата од шест метри, па стратегот Басри Латифи уште една опција во ростерот.

Претходно од Металург Автокоманда заминаа Сара Цветановска, Сузана Зечевиќ, Слободанка Кицеска, Анастасија Николовска и Ива Божиноска во Спартак, како и Марија Гугуљанова, која се пресели во Ѓорче Петров. Од клубот си замина и Марија Јанкуловска, а се очекува наскоро нивниот пат да го следат и останатите ракометарки.