Први март ќе означи нова ера во македонскиот ракомет, на чело на РФМ застанува ново име. Александар Стефанов, е избран за нов претседател на РФМ. Едногласно со подршка на сите делегати на Изборното Собрание што се одржува во Скопје.Тој беше единствен кадидат, откако Драган Начевски претходно се откажа, па затоа претставувањето на програмата беше повеќе протокол и запознавање со неговата визија за ракометот отколку привлекување гласови.
Во својата програма новиот претседател Стефанов, го потенцираше своето 26 годишно присуство во ракометот и неговата идеја за создавање здрави темели на кои ќе се гради иднината на македонскиот ракомет.
Чест и задоволство, но и голема обврска и одговорност е тука пред сите вас да ја претставам мојата програма за претседател на РФМ 2025-2029. Дваесет и шест години во ракометот, дел како играч, дел како сопственик на РК Бутел, член на управен одбор на Ракометна федерација, ракометот ми претставувал, ми претставува и ќе ми претставува во иднина најголема пасија, мотив и желба тука во нашата држава да направиме напори за унапредување, развој и промоција на македонскиот ракомет генерално.
Во првите две години новото раководство заедно Министерството за спорт, ќе изгради спортски центар кој во целост ќе биде посветен на ракометот.
Ракометот кај нас секогаш бил симбол на борбеност, дисциплина и успех. Сакам да направиме чекор напред, да изградиме систем кој ќе обезбеди стабилност, раст и одржливост во сите категории во овој наш спорт. Мојата програма се состои од неколку основни столба на кои планирам да го градиме ракометот во наредниот период. За да имаме една здрава основа и здрави деца и успех кој во континуитет ќе го градиме, е да работиме на основната инфраструктура за понатамошен развој. Како што веќе најави министерот во првите две години во план е да се изгради нов ракометен центар, ракометен дом кој ќе ги згрижи сите јуниорски и сениорски категори, сите клубови и сите чинители во ракометот кои имаа потреба од спортска сала за меѓународни натпревари, одличниуслови, еден повеќенаменски центар со модерна инфраструктура, фитнес центар, канцеларии. Да работиме на промоција и подобрување на ракометет, пред се акцентот ќе биде на женскиот ракомет кој има простор и можност да се развива.
Во планот на новиот претседател е лобирање во основните училишта, за да се задржи приматот како спорт број 1.
Преку промоција преку социјални медиуми, ТВ емисии, организирање на семинари трибини, учество на наши ракометни легенди, поранешни репрезентативци, судии и делегати да го кренеме нивото на уште повисоко ниво и да ги привлечеме младите категории младите деца да се одлучат за ракомет на спорт. Во план е формирање на мини-лига под покровителство на ЕХФ која би ги опфатила најмладите деца од 8-12 и ќе биде дисперзирана на цела територија на Македонија, преку учество на локални регионални и државни натпревари, со лобирање во основни училишта би ги заинтересирале децата да влезат во ракомет и од нив да израснат врвни ракометари.
Кога е во прашање финансиската конструкција, новиот претседател на РФМ, веќе има свои планови.
Иднината на федерацијата е во сигурни раце, веќе разговарав со некои спонзори кои се подготвени да одвојат од своите средства кои ќе помогнат да се одржи финансиската стабилност на федерацијата.
За новините и модернизација на административните процедури, Стефанов го промовираше новиот софтвер кој беше дел од плановите и на претходното раководство.
Во план е се изработи софтвер кој треба да ја олесни административната работа регистрации на играчи, пријава и одјава на ракометари да се скратат сите тие административни задачи и да има поголема транспарентност. Ни претстои година каде ќе имаме неколку континентални турнири треба да се организираат и активираат селекции во младинските категории треба да ги активираме овие категории за да потикнеме повеќе чинители да вложуваат во ракометот. Во женската лига во план е да има еден спонзор за да се подобрат условите и да може да се привлечат повеќе девојки и ракометарки. Во план е одржување на семинари и обуки, ангажирање на домашни и странски експерти, кои ќе работат на унапредување на нашите ракометари, нашите судии, делегати и тренери.
Освен претседател, на годишното собрание на РФМ се изгласаа и двете клучни тела за функционирање на федерацијата.
Членови на Управен одбор се: Александар Стефанов, Слободан Трајковски, Билал Суџубаши, Дарко Нанов, претставник од Еурофарм, Алексадар Шопов, Дритон Зaири, Кирил Пецаков, Бојан Стефановски, Левко Наумовски, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ Снежана Савиќ Димовска.
Во Надзорна комисија ќе работат: Ирина Галеб, Марко Костадиновски и Горан Дамчевски.
Клучната позиција, прв оперативец на Федерацијата односно генерален секретар на РФМ ќе се избере со одлука на новиот Управниот одбор. На првиот собир Управниот одбор ќе одлучува и за новиот директор на РФМ Маркетинг.