Александар Стефанов е единствен кандидат за претседател на РФМ

Неговиот противкандидат Драган Начевски се повлече од трката, и за претседател ќе има само една личност

Александар Стефанов ќе биде единствениот кандидат за претседател на РФМ на утрешното Изборно Собрание. Иако се најавуваше дека тој ќе има противкандидат, во името на Драган Начевски сепак поранешниот генерален секретар на РФМ и делегат се повлече од трката. Тоа значи дека Стефанов повеќе од сигурно ќе биде избран за претседател на РФМ за следните 4 години.

„Точно е дека ја повлеков канидидатурата за претседател. Но, утре ќе бдат присутен на Собранието, кратко ни потврди Драган Начевски.

По 12 години владење и три мандати, досегашниот претседател Живко Мукаетов немаше законска можност повеќе да се кандидира, и мораше да му го препушти столчето на друг кандидат. Со Муакетов заминува и екипата со која тој раководеше во изминатиот период. Покрај претседател, РФМ ќе избере и нов генерален секретар, но тој ќе треба да се избере на конкурс.

Александар Стефанов кој е дел од РК Бутел и еден од спонзорте подолго време, се исфилтрира како најсериозен кандидат за претседателското место. Претходниот период беше дел од УО на РФМ и веќе е запознаен со функционирањето на федерацијата, па ќе му биде и полесно да се вклопи во структурата и брзо да почне да работи според својата програма.

Изминатите недели Стефанов имаше и повеќе средби со претставниците на клубовите и здруженијата кои се дел од Собранието. На нив Стефанов им ја претстави својата програма, но истовремено сакаше да ги слушне и нивните забелешки, предлози и проблеми со кои се соочуваат во моментов. Има голема поддршка од делегатите на Собранието кои одамна и писмено му ја дадоа таа поддршка, а утре сетоа тоа треба да биде само формалност.

Пред неколку месеци кога почна кампањата за нов претседател, како кандидат се наметна и Горан Ѓоргоноски, поранешниот ракометен репрезентативец, но тој досега нема собрано подрршка од клубовите, и за да биде кандидат треба да биде и дел од делегатите на Собранието.

Собранието е закажано за утре во 12 часот во Скопје.