Со одбрана во последните секунди, Фабијан Норстен, стана херој на тимот на Алборг, кој го освои трофејот во данскиот Супер куп по триумфот над ГОГ Гудме со 29-28.
Тренерот Мајк Махула не можеше да смета на Никлас Ландин, Хенрик Мелгард, Мадс Хоксер и Бустер Јул, па имаше големи проблеми со ГОГ Гудме.
Гудме водеше со 24-21, но Алборг направи пресврт во последните десетина минути и со головите на Влах и Арнолдсен стигна до плус два, 28-26.
Следуваше камбек на ГОГ Гудме за реми, но Алборг потоа поведе со 29-28, имаше и напад за плус два, но не беше реализиран па останаа 18 секунди за ГОГ Гудме да стигна до нерешено.
Сепак голманот на Алборг, Фабијан Норстен го одбрани последниот шут и победата и трофејот останаа за „црвено-белите“.
Во женскиот Супер Куп, трофејот го освои Есбјерг по победата над Никобинг со 26-23.