Ремито со Португалија, 29-29, може да ни донесе многу бенефити и не остава во игра за место во главната рунда на ЕП.
Но тој меч е архивиран и македонските репрезентативци се вртат кон новиот предизвик наречен Романија.
Кружниот напаѓач Михаил Аларов вели дека е возбудлив настапот на ЕП и го најави следниот ривал.
„Многу е возбудливо што како за прв настап на ЕП имав два толку тешки противници. Сепак, многу сум среќен за одиграното, за тимскиот дух што го покажавме против Португалија, што ќе ни ја крене самодовербата за понатаму. Романците играат различен стил од Данска и Португалија. Наизглед се покорпулентни и високи, не верувам дека играат брз ракомет, ама се цврсти во одбрана. Очекувам доста тврд натпревар“, изјави Аларов.
Тој истакна дека до играчите допира поддршката од „Фалангата“.
„Фалангата“ остава огромна трага, огромна поддршка се за нас додека сме на теренот. Се слушаат сите гласови и свирки. Се чувствува македонското, инаетот и кај нив, а доста не поттикнува нас да дадеме се од себе во тешките моменти“, заврши Аларов.
Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот со Романија утре од 18:00 часот.

























