По голманот Дино Славиќ, Охрид промовираше уште едно големо засилување за наредната сезона – Доминик Мате.
Трансферот што го најави 24Ракомет, денеска беше потврден од страна на охриѓани, а десниот бек на норвешкиот Елверум потпиша договор на две сезони.
Мате е поранешен член на францускиот ПСЖ и полскиот Келце. Десниот бек играше со Елверум во Лигата на шампионите, но и со ПСЖ каде настапуваше од 2022 до 2024. Потоа потпиша договор со полскиот Келце, но во првата сезона заработи повреда која го оддалечи од терените.
По кратката пауза, оваа сезона се врати на терените како член на норвешкиот Елверум и ги покажа своите квалитети во Лигата на Европа. За унгарската репрезентација Мате дебитираше на СП 2019 година кога имаше 19 години, а потоа стана стандарден репрезентативец.
Охрид има јасна визија и сериозни амбиции, а резултатите од есенскиот дел се силен аргумент за тоа. Во „Билјанини Извори“ паднаа и два големи фаворити, „зелените“ – Еурофарм Пелистер и „сините“ од Автокоманда, што е јасен сигнал дека охриѓани се подготвени за „чекор плус“.
Охриѓани првпат играат во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп, со реални шанси да дотуркаат и подалеку во овој Куп.
Со овој трансфер Охрид покажува дека не гради само тим за една сезона, туку проект што постепено сака да се позиционира меѓу најсилните во македонскиот ракомет.
























