Актуелниот првак на Германија, Кил, во тековната сезона игра „топло-ладно“ во Бундес лигата и на 25 одиграни натпревари оствари 18 победи, а забележа седум порази.
Составот предводен од Филип Јиха е на 4. позиција на табелата, има 36 бодови, додека актуелниот лидер Фуксе Берлин 47 бодови.
Пред Кил сѐ уште Магдебург со 46 бодови и Фленсбург со 41 бод и ваквата моментална состојба е загрижувачка за „зебрите“.
Претседателот на Надзорниот одбор на Кил, Марк Вајнсток, очекува сериозна економска штета доколку германскиот тим не успее да се пласира во Лигата на шампионите следната сезона.
,,Доколку не се пласираме во ЛШ следната сезона, ќе изгубиме од 750 илјади до 1 милион евра од нашиот буџет. Ова четврто место го покажува нашето сегашно ниво, мора да се потрудиме да обезбедиме учество во елитата“, кратко коментираше Вајнсток.
Кил обезбеди директен пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите, а во групната фаза беше еден од ривалите на Еурофарм Пелистер.