Македонија ќе игра со Португалија, домаќинот Данска и Романија во групната фаза на Европското првенство 2026 во Данска, Шведска и Норвешка.
Селекторот на Португалија, Пауло Переира, ги сподели импресиите по ждрепката и вели дека неговите момци се фаворити за првите две места што водат во главната рунда.
„Интересно е што повторно ќе се сретнеме со Романија – селекција која, на некој начин, ние ја пласиравме на Европското првенство. Со победата над Израел во квалификациите, ги симнавме нив на четвртото место, елиминирајќи ги од трката за ЕП, а на Романија ѝ помогнавме да биде најдобра трета. Данска не треба многу да се претставува – тоа е најдобрата репрезентација во светот во последните години. Но, ќе речам со мала доза на ‘лудост’ – и Данска мора некогаш да загуби. Сепак, кога игра на домашен терен, уште е посилна отколку што е на хартија. Македонија е репрезентација од повисокиот среден ешалон на Европа, која ако има свој ден може да им направи проблеми и на најсилните. Мораме да бидеме максимално внимателни. Ќе тргнеме како фаворити за едно од првите две места во групата што водат во следната фаза, но тоа се секогаш тешки битки. Нивото на европските селекции постојано се подобрува и денес веќе нема лесни натпревари. Како и досега, мораме темелно да се подготвиме за секој предизвик за да ја оствариме почетната цел – пласман во главната рунда“, изјави Переира.
Македонија ќе се сретне со Португалија во третото коло од групната фаза на ЕП во „Јуске Банк Боксен Арена“ во Хернинг.