„Ако играше во ЛШ, Мешков Брест сигурно ќе беше во ТОП 10“

Некогашниот стратег на Вардар и легенда на рускиот ракомет, Едуард Кокшаров, во моментов е тренер на Мешков Брест.

Со белорускиот првак минатата сезона освои се што можеше да се освои – трофеи во Супер Купот и Купот на Белорусија, титула во шампионатот, како и во регионалната СЕХА лига дивизија „Исток“.

Во Мешков Брест и сега играат интернационалци, а меѓу нив и Стјепановиќ, Лазовиќ, Драгашевиќ…Кокшаров смета дека неговиот клуб би бил во ТОП 10 во Лигата на шампионите.

„Сметам дека Мешков Брест ако играше во Лигата на шампионите сигурно ќе беше во ТОП 10. Но мене тоа не би ме задоволило и јас би сакал да се борам за Ф4. А за тоа треба уште многу, многу работа. Моментот на суспензија од европските купови го користиме за реорганизација, подмладување, да подготвиме нови ракометари, да создадеме тимска хемија. А сето тоа што се случува, некогаш ќе престане и ситуацијата ќе се промени. Никој не знае кога – утре и за неколку години. Но мора да бидете подготвени на секакво сценарио, кон тоа дека еден ден Брест ќе се врати во ЛШ и мора да ја сочувате професионалноста“, вели Кокшаров за „Мета Рејтингс“.

Кокшаров по заминувањето од Вардар работеше во руската репрезентација, потоа го водеше и женскиот тим Ростов Дон, пред да се пресели во Белорусија.