Ракометарите на Охрид ги очекува тешко гостување во Битола кај шампионот Еурофарм Пелистер, против кој играат одлично на последните неколку меѓусебни средби.
Голманите на Охрид секогаш имаат добри партии против битолчани, а тренерот на чуварите на мрежата, Зоран Георгиевски, вели дека самодовербата се враќа во тимот по неочекуваниот пораз дома и дека екипата е подготвена за предизвикот во Битола.
„По поразот од Бутел се разочаравме како екипа, бидејќи ги планиравме тие бодови. Полека ја враќаме самодовербата, знаеме кај гостуваме, кај шампионот Еурофарм Пелистер, кој има сериозна екипа. Ние се подготвуваме, ако можеме да изненадиме во Битола, зошто да не. Работиме добро на тренинзите, и се надевам играчите ќе одговорат на секој дел од тактиката што ќе ја постави тренерот, нема лесно да се предадеме и ако можеме да зграпчиме победа би било одлично“, вели Георгиевски.
Охриѓани знаат од каде доаѓа опасноста кон нивниот гол, но ќе играат без притисок против шампионот, за кој секој бод е важен во битката за шампионска титула.
„Ако гинат играчите еден за друг, мислам дека резултатот ќе дојде сам по себе. Домашните имаат компактна екипа, знаеме кои се лидерите нивни, но ниту ние не сме за потценување. Проблем е кај нас што имаме двајца повредени играчи, Орјоникидзе и Јотиќ, но сметам со заеднички сили можеме до позитивен резултат. Ние нема што да загубиме, одиме да се надигруваме. Притисокот е кај нив, кај нас го нема. Два ни недостигаат, Орјоникидзе беше ударната игла во нападот, но сметам дека соиграчите ќе можат да одиграат и за него. Голманите се на едно повисоко ниво, секогаш го даваат максимумот, се надевам и сега ќе биде така, па со нивна добра партија ќе придонесат за резултатот да е во наша корист“, заврши Георгиевски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид се игра во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 19:00 часот.