Аеродром беше во игра 58 минути, но „лавовите“ ги грабнаа двата бода

Ракометарите на Македонија Ѓорче Петров ја остварија четвртата победа во прволигашката конкуренција, откако славеа на гостински терен кај Аеродром со 25-22.

Момците на Митко Стоилов водеа и со четири гола разлика во вториот дел, 16-12, но на крајот останаа со празни раце.

На паузата 11-10 за Аеродром, во второто полувреме домашните ја имаа уште повеќе контролата, но кога требаше да ја довршат работата им дозволија на „лавовите“ да се вратат во игра.

Сепак Аеродром беше во игра барем за бод, откако Поповски намали на 22-21 на две минути до крајот, но домашните останаа со двајца помалку на терен и гостите постигнаа уште три гола за триумф.

Предводници на победничкиот тим беа Бојан Чакалиќ со шест и Стефан Нацев со пет гола, а Бојан Божиновски даде шест погодоци за Аеродром. Во следното коло Аеродром гостува кај Овче Поле, а Македонија Ѓорче Петров ќе ја пречека Преспа.