Ацевски: Нѐ чека тежок дуел во Битола, но како и секогаш одиме на победа

Ракометарите на Прилеп во рамки од 7. коло од прволигашкиот плеј-аут ќе гостуваат во Битола кај незгодниот тим на Еурофарм Пелистер 2, кој засега е главен конкурент на прилепчани за првата позиција на табелата.

Прилеп на шест натпревари оствари пет победи и едно реми, доволно за да биде позициониран на лидерското место. Составот на Мојсов има 18 бодови на свое конто, додека битолчани три бодови помалку, односно 15.

Прилепчани се надеваат на продолжување на позитивните изданија и на нови бодови, со кои би биле поблиску до опстанок во суперлигашката конкуренција за следната натпреварувачка сезона.

Голманот Давид Ацевски, кој во претходното коло со Вардар Неготино имаше клучни одбрани за обезбедениот триумф од 27:22, го најави неделниот дуел со Еурофарм Пелистер 2.

,,Во Битола нѐ очекува многу тежок натпревар, мора да влеземе максимално фокусирани со мирни глави и да си ја одработиме секој зададена задача од тренерот. Ние ќе одиме на победа како на секој натпревар досега и ќе се обидеме да ја продолжиме победничката серија. Секако дека доколку победиме ќе бидеме на добар пат за опстанок во елитата, но мислам дека сѐ уште е рано да се размислува за тоа, бидејќи има уште многу за играње. Екипата на Еурофарм Пелистер 2 практикува брза игра, но ние добро го анализиравме ривалот, ќе дадеме сѐ од себе за да ги запреме во тој поглед”, вели Ацевски.

Младиот голман истакна дека после паузата, односно пред стартот на вториот дел од сезоната, тимот на Прилеп се препородил.

,,Мислам дека после паузата од првиот дел на сезоната сфативме дека ние сме екипа која може да игра на едно многу повисоко ниво и со тоа да докажеме дека заслужуваме да се натпреваруваме во Супер Лигата, плус дојдоа нови засилувања кои дефинитивно многу ни помогнаа во сите сегменти од играта”, вели Ацевски.

Скопјанецот е задоволен од условите во Прилеп и од соработката со некогашниот голман Тони Димоски.

,,Условите во клубот се фантастични, јас сум пресреќен овде, уште од самиот старт има хармонија меѓу нас играчите, атмосферата во тимот е на одлично ниво и се надевам така ќе остане до крајот на натпреварувачката сезона. Соработката со тренерот Тони ми е фантастична, тој ни помогна многу во овој период на мене и на колегата Иван Ангелески и многу сме благодарни за секој добиен совет и критика”, заврши Ацевски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп ќе се одигра во недела (7 април) со почеток од 18:30 часот во спортската сала ,,Боро Чурчевски”.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ПРИЛЕП14111236
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 214100433
3ВАРДАР НЕГОТИНО1480624
4МУЛТИЕСЕНС1471623
5ГОЛДЕН АРТ1451819
6СКОПЈЕ 20201420126
7АЕРОДРОМ1400142