Селекцијата на Аргентина тргна со два бода во вториот круг на Светското првенство и веќе има четири поени со кои претендира на висок пласман во Групата 2 откако денеска ја совлада Јапонија со 28:24.
На стартот од втората рунда во Групата 2 се очекуваше многу повеќе од Јапонија, но очигледно Аргентинците се имаа добро подготвено така што успеаја од почеток на средбата да доминираат и постојано да бидат во предност.
Поведоа од старт, а Јапонија израмни на 1:1 и тоа практично беше сè во однос на резултатскиот дел. Водството се движеше од два до пет гола, а Јапонците иако се трудеа никако не можеа да фатат приклучок. Аргентина имаше расположени предводници во Федерико Пизаро и Диего Симонет така што тие ставија до знаење дека Јапонија не може денеска ништо.
На полувреме Аргентинците водеа со 17:13, а на стартот од второто полувреме брзо дојдоа до 20:13 и тука веќе го имаа решено побендикот. Јапонците намалуваа, но Аргентина успеваше да одолее на нападите и кога на десетина минути пред крај дојдоа до 25:18, па веќе немаше шанси.
Малото опуштање овозможи противникот да се доближи во финишот, но не и да направи нешто повеќе, па Јапонија мораше да потпише капитулација. На крајот разликата беше иста како на полувремето, 24:28.
Не беше искористена шансата од Јапонците бидејќи денеска едноставно беа послабиот ривал, додека Аргентина со ова покажа дека ќе се обиде да изненади на дуелите против Хрватска и Катар.