Српскиот вицепрвак Партизан, кој остана без неколку важни играчи, продолжува да го составува тимот за новата натпреварувачка сезона 2023/24.
Според информациите на „Спортски Журнал“, нов играч во клубот од Белград ќе биде ракометарот од БиХ, Немања Пештиќ. Станува збор за играч кој игра на позицијата лев бек и во тимот на Ѓорѓе Чирковиќ се очекува да биде од голема помош, со оглед на тоа дека капитенот Никола Зечевиќ ќе паузира одреден временски период поради повреда.
Пештиќ редовите на Партизан ќе ги засили од босанскиот суперлигаш Слога Добој, клуб кој во минатата сезона заврши на 6. позиција во најквалитетното натпреварување во БиХ.
Младиот ракометар во својата кариера настапуваше и за Спачва Винковци од Хрватска, како и за Локомотива и Јединство од Брчко. Освен како лев бек, знае да игра на позицијата среден бек, па така Партизан со неговото доаѓање ќе има повеќе опции во нападот.
21-годишниот ракометар ги има поминато сите младински категории на БиХ. Пред неколку години беше на проба во каталонскиот гигант Барселона и тренираше со вториот тим на некогашниот европски шампион.
Покрај Пештиќ, Партизан се очекува да се засили со голманот Димитрије Јелиќ од Црвена Ѕвезда, како и со младинскиот репрезентативец на Црна Гора – левиот бек од Слобода Тузла, Лука Бајрактаревиќ. Најавено засилување за Партизан ѐ и грчкиот кружен напаѓач Георгиос Маркататос, кој минатата сезона играше за Диомидис Аргус.