Почина некогашен ракометар на Еурофарм Пелистер!

|
21:12
Share on Facebook

Тажна вест во текот на денот сподели грузиската ракометна федерација – на 40 години почина Рати Мсквилидзе.

Некогашниот десен бек на Еурофарм Пелистер (во времето кога клубот ја имаше додавката Работник), по завршувањето на играчката кариера работеше како тренер на млади категории.

Мсквилидзе во Битола мина една сезона (2017/18) и во дресот на пелистерци настапуваше во Челинџ Купот на ЕХФ.

Кариерата ја заврши во дресот на турскиот Трабзон во сезоната 2021/22, претходно освен во Македонија играше во татковината за Шевардени Тбилиси и Батуми, беше дел и од исландскиот Стјарнан, српската Металопластика…а беше и стандарден репрезентативец на Грузија.

„Рати Мсквилидзе имаше значаен придонес во развојот на грузискиот ракомет. Во текот на својата спортска кариера настапуваше за клубови во Грузија, како и за различни европски клубови. Подоцна се посвети на тренерската работа, пренесувајќи им ги своето искуство и знаење на помладите генерации. Неговата смрт претставува голема загуба за грузискиот ракомет и спортската заедница“, напишаа од грузиската федерација.

Причините за ненадејната смрт не се соопштени.

Share on Facebook

Сениорките на собир, Македонија пред ЕП на турнир во Турција

Авор: Душко Андов
| 19 октомври 2026
14:19
Share on Facebook

Женската репрезентација на Македонија денеска го имаше собирот во рамките на ЕХФ неделата, а селекторот Игор Марковиќ за оваа акција смета на 21 ракометарка.

Во споредба со претходниот собир ги нема Ангела Јанкуловска, која ќе го пропушти ЕП и целата сезона поради повреда, потоа Ана Марија Коларовска, Софи Гошевска и Моника Килдан Јанеска.

Нови имиња се Теодора Дукоска, Михаела Кралева, Јована Мицевска Митев, Сара Богојеска и Александра Коловска.

Во оваа акција, ракометарките нема да играат пријателски натпревари, кои се на програмата во ноември пред Европското првенство.

Македонија ќе биде дел од меѓународен пријателски турнир во Турција, каде освен против домаќинот ќе тестира и против Финска и Италија од 26 до 28 ноември.

По турнирот во Турција, Македонија заминува за Клуж Напока, каде што ќе игра против Швајцарија, Романија и Норвешка на ЕП.

Share on Facebook

Стојановски и Сасари слават пласман во третото коло од ЕХФ Купот, убедлива победа за Темелкоски и ПАОК

Авор: Душко Андов
| 19 октомври 2026
10:20
Share on Facebook

Покрај настапите на македонските претставници во ЕХФ Европскиот Куп, во фокусот се настапите и на македонските интернационалци.

Еден од нив, Томче Стојановски, во дресот на италијанскиот Сасари, се пласира во третата рунда, со двојна победа во „мак-двобојот“ со косовскиот Кастриоти предводен од екс македонскиот селектор, Владимир Глигоров. Евгениј Темелкоски со ПАОК запиша триумф со 38-19 над Борац Бања Лука што многу веројатно ќе биде доволен за третото коло.

Српска Војводина обезбеди пласман во третото коло, откако во двомечот со израелскиот Макаби Ришон Ле Зион славеше со вкупен резултат 67-64.
Макаби го доби првиот натпревар во Србија со 32-31, но Војводина возврати во реваншот. Српскиот тим направи серија од 6-1 кон крајот на првото полувреме, поведе со 21-16, а во 51. минута имаше и осум гола предност. На крајот, Војводина славеше со 36-32 и го потврди пласманот понатаму.

Црногорскиот Ловќен Цетиње убедливо го совлада Берхем од Луксембург со вкупни 74-64. Вук Мрвалјевиќ беше најефикасен стрелец во двомечот со 18 гола, а српска Дубочица беше подобра од летонскиот Добеле со вкупни 73-61.

Романска Турда славеше на гостувањето кај белгиски Спортинг Пелт со 29-27, во натпревар исполнет со пресврти. Иракли Кбилашвили и Раду Гица постигнаа по седум гола за победничкиот тим. Белгијците подобро го отворија мечот и во 12. минута водеа со 7-3, но Турда успеа да се врати и да поведе пред паузата. Во второто полувреме имаше неколку промени на водството, а романскиот состав беше посигурен во завршницата и обезбеди предност од два гола пред реваншот во Романија.

Грчка Драма славеше со минимални 31-30 против словачка Поважска Бистрица во првиот натпревар од двомечот. Домашниот тим имаше предност во поголемиот дел од првото полувреме, а највисоката разлика изнесуваше четири гола, 23-19. Словачкиот состав одговори со серија од шест последователни гола и првпат поведе во 45. минута со 25-23. Сепак, Драма успеа да ја врати предноста во завршницата и да стигне до минимален триумф пред реваншот.

Најголемата голеада во ова коло ја приредија украински Мотор и словенечки Словењ Градец, кои одиграа нерешено 41-41 во првиот натпревар. Мотор имаше подобар почеток и во 17. минута водеше со 15-9. Беше и 26-18, но словенечкиот состав не се предаде. Во вторите триесетина минути успеа да ја надомести негативата и да израмни на 39-39 две минути пред крајот. Двата тима постигнаа уште по два гола за конечни 41-41. Тјаж Шталекер со 12 гола и Велјко Станоевиќ со 11 беа најдобри кај гостите, додека Данило Рахозин и Виталиј Хоровиј постигнаа по девет гола за Мотор.

Победи што многу веројатно ќе им гарантираат мирен реванш остварија и турскиот Бешикташ, АЕК Атина, Олимпијакос, Остров Виекополски, Фади Винтертур, Тримо Требње, Рунар Сандефјорд…

ЕХФ Европски Куп, 2 коло, резултати:

БК46 – Мистра 28-22
АЕК Атина – Анортозис Фамагуста 37-21
Бешикташ – Фиверс Маргаретен 38-31
Дукла Прага – Нербо 33-28
Војводина – Макаби Ле Зион 31-32, 36-32
Берхем – Ловќен 30-40, 34-34
Драма – Повашка Бистрица 31-30
Горица – Бутел Скопје 27-24
Мотор Запорожје – Словењ Градец 41-41
Олимпијакос – Калиш 30-24
Остров Виекополски – Истанбул Генчлик 43-27
ХИФК – Фади Винтертур 32-42
Алкалоид – Ферлах 31-22
Х71 – Трогир 34-27
Тенакс Добеле – Дубочица Лесковац 32-41, 29-32
Тримо Требње – Динамо Панчево 39-27
Кастриоти – Сасари 28-37, 27-40
КРАС Волендам – Кремс 26-28
Спортинг Пелт – Потаиса Турда 27-29
Бурса Нилуфер – Рунар Сандефјорд 28-37
Берн – Касано 31-20
Бојнице – Вослауер 27-31
ПАОК – Борац Бања Лука 38-19

Share on Facebook

Димитријески прозиваше, кадетките на собир пред првиот турнир од Регионалниот Куп

Авор: Душко Андов
| 19 октомври 2026
16:54
Share on Facebook

Женската кадетска репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир во ЕХФ неделата.

Селекторот Славиша Димитријески смета на 18 ракометарки за претстојниот прв турнир од Регионалниот Куп во грчкиот град Верија.

Македонија е во групата Д, заедно со селекциите на Грција и Турција, а за ова новоформирано натпреварување повеќе детали прочитајте ТУКА.

Во петок по завршувањето на последниот тренинг, нашите кадетки ќе отпатуваат во Верија, Грција, каде што ќе ги одиграат двата меча.

В сабота е пресметката со Турција, додека в недела се игра средбата со домаќинот на првиот турнир, Грција.

Овие натпревари ќе бидат последна проверка за кадетките кои од 27 до 29 ноември ќе ги одиграат квалификациите за ЕП 2027 на турнирот во Скопје против Грција, Литванија и Косово.

Share on Facebook

Гол-шоу на Јасмина и Нина Попови, Гевгелија Југ со трет триумф

Авор: Душко Андов
| 18 октомври 2026
13:13
Share on Facebook

Тимот на Гевгелија Југ ја запиша третата победа во прволигашката конкуренција, откако славеше над Астибо со 34-25.

По првото полувреме домашните ракометарки водеа со 20-8, победникот беше решен, па вториот дел беше само формално одработување на задачата.

Сестрите Нина и Јасмина Попови одново беа најдобри стрелци во победничкиот состав со девет, односно осум погодоци.

Кај штипјанки, Анастасија Богоевска погоди осум пат, а Мелани Неделкова имаше седум реализации.

На табелата, Овче Поле СУ има осум бодови на лидерската позиција, додека Гевгелија Југ и Струга се на делба на второто место со по шест бода.

Share on Facebook

Охрид и без „првиот тренер“ е пресилен за „витамините“

Авор: Редакција
| 18 октомври 2026
17:22
Share on Facebook

Борис Ројевиќ мирно можеше да го гледа мечот на Охрид на гостувањето во Автокоманда, иако тој не беше на клупата. Гладијаторите“ очекувано триумфираа, и тоа „двоцифрено“ против вториот тим од Автокоманда со 42-26

Поради вироза дома останаа тренерот Борис Ројевиќ, и Гоце Ојлески и Дарко Ѓукиќ. Поради повреда се уште во составот на Охриѓани не игра ниту Томислав Јагуриновски. Но, и со таков состав тие се многу посилни од повратникот во Супер лигата.

Со новите бодови Охрид се оддалечи од другите и останува дел од четворката на врвот, сега има 11 бода, два помалку од привремениот лидер Еурофарм Пелистер кој има 13, и Вардар кој има 12, но и меч помалку.

Гостите рано го презедоа резултатот, а клучна беше серијата од пет гола без одговор со која од 3-3 стигнаа до 8-3 во 11. минута. Тогаш се најави дека нема да има неизвесност на средбата.

Домашните го отворија мечот со водство од 2-1, но по израмнувањето на 3-3 Охрид ја зацврсти одбраната и брзо се одлепи. При 3-7 домашните не реализираа седмерец, а негативата потоа порасна на 3-8. Во 22. минута гостите водеа со 16-9, а во 27. минута и со 17-9. До паузата домашните постигнаа уште четири гола, но Охрид ја задржа предноста – 21-13 на полувреме.

И во продолжението охриѓани први ја зголемија разликата. Поведоа со 23-13, а во 34. минута првпат стигнаа до десет гола предност, 24-14. Домашните во овој период промашија контранапад и неколку изгледни шутеви, додека Дино Славиќ продолжи со одбраните. Во 38. минута сопре и седмерец на Горазд Дамчевски.

Во последните 10 минути од мечот гостите влегоа со предност од 35-20, и се беше решено, освен со колкава предност за Охрид ќе за врши средбата. Стигна Охрид по вторпат до највисоките „плус 16“, а потоа 2-3 пати не реализираше напади после кои домашните намалија на 38-25. На крај разликата пак беше „плус 16“, 42-26.

Доминик Мате со 8 гола, и Никола Лиапис со 6, и Давид Савревски и Никола Зечевиќ со 5 беа најефикасни кај госите, додека Дарјан Ѓокески, Христијан Гурмешевиќ и Стефан Ѓоргиевски со по 4 најпрецизни кај домапните.

Share on Facebook