Вардар и Охрид третпат во низа за три недели – кој до трофеј во Супер Купот?

Македонскиот шампион Вардар и финалистот на Купот на Македонија, Охрид, денеска во Гевгелија ќе го одиграат првиот официјален натпревар од сезоната 2026/27.

Ова ќе биде трета меѓусебна пресметка меѓу овие две екипи во претсезоната, откако играа во финалните натпревари на турнирите во Струга и Охрид.

Во финалето на Струшкиот турнир, Охрид славеше против Вардар со 31-30, додека „гладијаторите“ на домашниот турнир беа подобри со 29-27.

Третото соочување на двете екипи ќе биде од официјален карактер и носи трофеј како загревање за стартот на сезоната во Супер машката лига и европските купови.

Двајцата стратези, Иван Чупиќ и Борис Ројевиќ, не сметаа на најсилниот состав на ниту еден од подготвителните натпревари, а така ќе биде и на оваа средба бидејќи ќе отсуствуваат дел од ракометарите. Право на настап ќе имаат девет странски ракометари.

Во досегашните осум изданија на ова натпреварување, Вардар има четири трофеи, Еурофарм Пелистер има три, додека тимот на Кирил Лазаров има еден. Освен овие три тимови, во Супер Куп играла уште екипата на Металург.

Мечот меѓу Вардар и Охрид е закажан за денеска, 2 септември, од 19:00 часот во салата „26 Април“ во Гевгелија.

Досегашни изданија на Супер Куп:

2017 Вардар – Еурофарм Работник 30:25, Скопје
2018 Вардар – Металург 33:24, Струга
2019 Вардар – Металург 26:24, Куманово
2020 не се одигра
2021 Еурофарм Пелистер – Вардар 31:22, Скопје
2022 Вардар – Еурофарм Пелистер 22:23, Охрид
2023 Еурофарм Пелистер – Вардар 26:30, Струмица
2024 Еурофарм Пелистер – Алкалоид 30:33, Гевгелија
2025 Еурофарм Пелистер – Вардар 28:27, Кавадарци
2026 Вардар – Охрид, Гевгелија