ИХФ подготви сценарио за камбек на Русија на меѓународна сцена!

19 Јули донесе надеж за руските љубители на ракометот – по речиси три години изолација, на повидок е враќање на Русија и Белорусија на меѓународната сцена.

Меѓународната ракометна федерација, преку својот претседател Хасан Мустафа, испрати официјално барање до Меѓународниот олимписки комитет со апел за нивно повторно вклучување во натпреварувањата.

„ИХФ се обрати до МОК во име на целото ракометно семејство, истакнувајќи ја важноста од учество на руските и белоруските селекции во интерес на понатамошен развој и популаризација на овој спорт во светски рамки“, стои во документот.

Она што привлекува особено внимание е дека ИХФ на 5 јуни веќе доставила конкретно сценарио за враќање на националните тимови од Русија и Белорусија на интернационалната сцена.

Меѓу потенцијалните опции се споменуваат неутрален статус и одигрување натпревари на територии како Србија, Унгарија или Турција.

Иако тоа значи отсуство на национални симболи, химни и домашни арени, дури и вакво враќање би било огромен напредок во споредба со моменталната ситуација. Русија би го добила најважното – право на учество, а знамето и химната се чекор што може да дојде подоцна.

Слични обиди во други спортови, како фудбалот, засега не вродија со плод. УЕФА беше одбиена при слична иницијатива, бидејќи голем број европски селекции одбија да играат против Русија. Но, во ракометот ситуацијата е поинаква – спортот има помал медиумски и политички притисок, а федерацијата поседува повеќе инструменти за контрола. Доколку некоја репрезентација одбие да игра, можно е да се соочи со казни и службени порази.

Дополнителен мотив за ИХФ е и економскиот аспект – отсуството на Русија значи и губење на популарност, спонзори и приходи, нешто што светските федерации добро го разбираат.

Ако се реализира планот на ИХФ, ракометот ќе биде првиот тимски спорт што ќе го отвори патот за враќање на Русија. Веќе има индиции и во пливањето, тенисот, па дури и зимските спортови. Таквиот тренд, иако постепен и внимателен, би можел да предизвика „верижна реакција“ што ќе доведе до нормализација на учеството на руските спортисти.

Следи период на дипломатски маневри, но ракометот можеби токму сега ќе испише ново поглавје во спортската геополитика.