Грузискиот репрезентативец Теимураз Орјоникидзе по пауза од пет години на почетокот на оваа сезона се врати во македонската суперлига, во редовите на ГРК Охрид. Левиот бек својата интернационална кариера ја започна во Македонија, на 18 години, носејќи го дресот на Прилеп (две сезони), а потоа една година беше дел и од Пелистер пред да тргне да ја освојува Европа.
Популарниот Темо игра одлична сезона покрај езерото, Охрид веќе ја исполни целта за следната сезона – излез во Европа, и е презадоволен од повторната соработка со тренерот Стевче Алушовски, што е и една од најголемите причини, прво за неговото враќање во Македонија, и второ, за продолжување на договорот со охридскиот суперлигаш најмалку до јуни 2025 година. Истовремено со националниот тим на Грузија, бекот за првпат играше на едно големо натпрреварување – Европското првенство во Германија во јануари, каде ја носеше и капитенската лента.
Покрај квалитетниот период на професионален план, Орјоникидзе стана и татко, улога која дополнително го мотивира и инспирира. Неговото име – Теимураз е историско и го носеле големите кралеви во стара Грузија, а тој е крал во своето мало царство во кое ја има сопругата и седуммесечната ќерка, кои од почетокот на следната сезона ќе му се придружат во Охрид.
„Со Стевче (Алушовски) бевме во комуникација, во периодот кога и тој и јас преговаравме со Охрид. Чекав ’зелено светло’ од него за да потпишам и јас. (се смее) Имав многу понуди од други европски клубови, но доброто искуство кое го имав во Македонија, добрите спомени и убавата сезона која ја имавме со Стевче кога работев со него во Пелистер беа главната причина за да се вратам повторно тука, сега како играч на Охрид. Го познавам неговиот стил на работа и сакав повторно да соработувам со него. Како за прва година имаме одлична сезона! Добро играме, приредивме и некое изненадување. Нормално имаме подеми и падови, но тоа е затоа што ова ни е прва сезона заедно како екипа и уште ја немаме потребната хемија. Потребно е време, но мислам дека главата цел на сезоната, излез во Европа, е обезбедена“, заклучува Теимураз Орјоникидзе и продолжува: „Затоа и одлучив да останам уште една година. Ми се допаѓа стилот и односот на клубот и тренерот. Постои визија и план за како да растеме како екипа, имаме цели и амбиции. Се работи професионално и раководството сака да сме на високо ниво, да играме во европските купови. Веќе реков целта – Европа, се надевам дека е исполнета (да почекаме да заврши сезоната) и ние ќе се обидеме да завршиме што повисоко на табелата. Веќе мислиме и на следната сезона, ќе имаме нови засилувања и верувам дека екипата ќе биде уште посилна и со уште повисоки амбиции.“
ЧАНТУРИЈА ГИ „ОТВОРИ ВРАТИТЕ“ ЗА ГРУЗИЈЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Пред Охрид, Орјоникидзе, има настапувано две сезони за Прилеп, а потоа една година играше во Пелистер. Во Македонија започнува неговата интернационална кариера, а познатиот Реваз Чантурија е еден од виновниците за тоа.
„Реваз Чантурија еден од првите грузиски ракометари кои дојдоа да играат во Македонија. Тој ја отвори вратата за нас останатите. Паметам дека со репрезентацијата до 18 години игравме квалификации против Македонија во Хрватска, каде одиграв добар натпревар и ме забележале. Реваз е мојата прва препорака, а потоа добри зборови имало и од Таста (Горан Кузмановски), кој е добар пријател на Реваз, но и со претседателот на Прилеп и со тогашниот тренер Ице Соколевски, и веројатно така се случи да дојдам во Прилеп. Тоа е некаде на 17-18 години. Дојдов на проба и паметам бев нервозен. Немав искуство, но бев подготвен, добив совети од татко ми кој претходно играл во Србија. Томче Петрески ми беше прв тренер и многу ми помогна, одлично бев прифатен во средината, доби поддршка од соиграчите и не беше воопшто тешко да се адаптирам, барем не толку колку што мислев дека ќе биде. Навистина имам само добри спомени од тој период. Имав добра втора сезона во Прилеп и добив повик од Реваз за да преминам во Пелистер, каде првпат соработував со Стевче Алушовски.“
ОД ТУКА ПОЧНУВА МОЈАТА КАРИЕРА
„По две сезони во Прилеп, преминав во Пелистер и така почнува да расте мојата кариера. Македонија ми помогна многу да дојдам до нивото до кое сум денеска. Во Пелистер имав добра полусезона, имавме победничка серија од 11-0 ако добро паметам, а потоа не знам што точно се случи, но Стевче си замина од клубот. Следи тежок период во кој јас бев повреден, за една полусезона се сменија двајца тренери, беше тешко да се адаптираме, постојано имаше промени, секој тренер си има свој систем на игра и на крајот на сезоната одлучив да заминам.“
РАКОМЕТОТ Е НАЈЦЕНЕТ СПОРТ ВО МАКЕДОНИЈА
Во изминативе пет години Грузиецот играше во унгарските клубови Ференцварош и Орошази, по една сезона, потоа исто толку време се задржа и во романска Решица, додека последниве две години беше играч на фински Кокс, со кој настапуваше и во Европската лига. Тој направи споредба меѓу Македонија и останатите земји во кои играл.
„Со Кокс игравме во Европската лига, но факт е дека во Финска ракометот е полу-професионален. Да, ти тренираш ракомет, но треба и да работиш. Играњето во Европската лига беше одлично искуство, но јас не бев навикнат на такво темпо, ем работа, ем тренинзи и заработив тешка повреда на коленото. Првата сезона во Финска ми беше многу тешка, се борев самиот со себе. Потоа втората одиграв многу подобро, се вратив по повредата и кога стигна понудата од Охрид и од Стевче, не се двоумев. Ако треба да направам споредба можам да кажам дека во Македонија ракометот најмногу се вреднува. Играв во Унгарија, Романија и Финска каде постои голем интерес за ракомет, салите се полни, но никаде атмосферата не е како во Македонија. Тука и кога не е полна салата имаш впечаток дека е! (се смее) Интересот за ракометот, се зборува за него, енергијата која ја носи публиката од трибините, односот на сите… Првенството е квалитетно, со силни екипи, дерби дуели има скоро секое коло и се вложува многу. Мислам дека во Македонија ракометот е најценет како спорт.“
ПЛЕСКАВИЦА, КИНО И ВИДЕО-ИГРИ
Темо досега во Македонија живеел во Прилеп, Битола и Охрид и добро ги познава овие градови, но поради обврските немал враме прошета низ земјата, да ги види и запознае нејзините природни убавини. Македонски зборува и разбира.
„Македонски јазик го разбирам и зборувам македонски, но за да имаме подобра комуникација интервјуто го правиме на англиски“, објасни Грузиецот и додаде: „Исто така зборувам мајчин јазик грузиски, англиски, италијански и руски, учев на училиште. Природните убавини на Македонија немав шанса (досега) да ги запознаам, но живеев во Прилеп и Битола и добро ги познавам тие градови. Охрид засега е најубавото место. (се смее) Навистина ми се допаѓа градот и начинот на живот. Сопругата и ќерката оваа сезона ме посетуваа, но од следната ќе живеат со мене и мислам дека Охрид е убава средина. По Европското првенство имав навистина многу понуди и кога одлучував дали ќе останам во Охрид и тоа – средината имаше голема улога. Промените се тешки, нова земја, нов клуб, нов тренер, соиграчи, средина непозната, сум го доживеал тоа неколкупати во кариерата, а сега треба да мислам и за сопругата и за ќерката. Се консултирав со сопругата и заедно одлучивме да останеме, затоа што Охрид е место во кое ни е добро. Културата е многу слична на Грузија, религијата е иста, луѓето се многу пријатни, отворени и се чувствуваме како дома.“
Што се однесува до храната повеќе ја сака грузиската кујна, но не може да одолее на пласкавица.
„Грузиската кујна според мене е една од најдобрите на светот и многу ја сакам таа храна. Од македонските специјалитети сакам плескавица, таа ми е број еден! Не готвам! Некогаш кога сакам да си направам нешто за себе и се јавувам на сопругата и таа по телефон ми дава инструкции што и како да направам. Не ризикувам да го споделам тоа со другите!“ (се смее)
Левиот бек има неколку начини на релаксација во слободно време.
„Со сопругата одиме многу на кино (жалам што нема кино во Охрид) ги гледаме сите жанрови – од акција до анимирани. Сакаме да пешачиме, долги прошетки. Она што многу ме релаксира се видео-игрите. Темпото е напорно и стресно тренинзи, натпревари, патувања… и играњето видео-игри некако ме опушта. Ќе легнам, ќе го земам телефонот или лап-топот за да играм и се исклучувам.“
ЌЕРКАТА – ДОПОЛНИТЕЛЕН МОТИВ
Теимураз Орјоникидзе во последниве седум месеци има и нова улога, стана татко, и тоа носи промени во неговиот живот.
„Со сопругата сме многу години заедно, скоро десет години и целиот тој период мислев и за двајцата при изборот. Сега имаме и нов член и сме пресреќни. Работите се сменија, и потешко е, но истовремено и полесно, имам повеќе мотивација за сè. Со нетрпение чекам да порасне и да ја видам како ќе ме поддржува од трибините.“
МОЛИТВА ПРЕД НАТПРЕВАР
Грузискиот репрезентативец открива дека е религиозен човек и молитва е една од работите кои ги практикува пред натпревар.
„Немам посебни ритуали пред натпревар. Верувам во Бога, јас сум религиозен и се молам. Сакам и да пешачам сам до сала пред натпревар. Кога ќе размислам, најчесто пред натпреварите имаме видео-анализи, а потоа се молам и одам пеш до сала и мислам на мечот.“
ПРЕДОДРЕДЕН НА РАКОМЕТ
Темо немал шанси да тренира друг спорт со оглед на тоа дека неговиот татко е поранешен ракометар, грузиски репрезентативец и тренер, Бека Орјоникидзе, кој и денеска е активен во Ракометната федерација на Грузија.
„Мојот татко бил ракометар, репрезентативец и тренер и поради него почнав да тренирам ракомет. Целиот мој живот се врти околу ракометот, од мали нозе сум во сала. Татко ми ми беше и тренер во Шевардени, клубот со кој неколкупати бевме шампиони на Грузија. Од самиот старт бев концентриран на ракомет, иако неколку месеци одев и на пливање, но тоа беше само поради здрав начин на живот.“
ЕКОНОМИСТ КОЈ ВЛЕГУВА ВО БИЗНИС ВОДИ
Грузиецот иако има 28 години не мисли само на ракометот, туку тој веќе работи и на животот по ракометот.
„Завршив Економски факултет во Грузија, затоа што сметам дека образованието е многу важно. Со сопругата си купивме земја и во моментов градиме куќа во Грузија, каде планираме во иднина да живееме мирен живот. Иако е рано и имам доволно време, сепак, мислам и на тоа што по ракометот. Имам добар однос со братот на сопругата, кој е поранешен фудбалер и со кој се обидуваме да започнеме бизнис. Имаме неколку идеи и сега почнавме со реализација на една од нив. Тој во моментов работи во туристичка агенција и ги знае околностите и потребите, а Грузија е земја богата со природни убавини и многу туристи доаѓаат да ја посетат. Најмногу се бараат куќички за престој и ние си купивме земја во планинско место и градиме такви куќи, кои би ги издавале во иднина. Тоа е добра идеја која ја развиваме.“
НИКОЈ НЕ ВЕРУВАШЕ ДЕКА ГРУЗИЈА МОЖЕ ДА ИГРА НА ЕП
Темо, кој ги има минато сите филтри во националните селекции во јануари годинава ја имаше и честта како капитен да ја предводи сениорската репрезентација на Грузија на историскиот настап на Европското првенство во Германија. Откако го направија првиот чекор на големата сцена, сега Грузијците се надеваат дека ќе фатат континуитет.
„За првпат во својата историја Грузија играше на Европско првенство, тоа беше голем изненадување за сите. Грузиската репрезентација има многу талентирани момци, но тие се млади, неискусни, јас со 28 години сум највозрасен во тимот и ја носам капитенската лента. Во квалификациите наша најголема шанса беше да ја победиме Швајцарија дома. Но игравме со многу подеми и падови, загубивме од Швајцарија дома, а потоа не знам како – се случи чудо и ја победивме Унгарија на гости и изборивме пласман на ЕП за првпат во историјата. Тоа се сосем поинаков вид на натпревари, чувството е сосем поразлично и е едно убаво искуство и за нас како играчи, но и за целата држава. Пред неколку години мислам дека никој не веруваше дека Грузија може да игра на ЕП, а сега повеќе внимание се посветува на ракометарите, има и интерес од клубовите, понуди… Истовремено луѓето очекуваат да го одржиме и нивото. Постои притисок, но чувството е убаво. Очекувањата се поголеми, но ние сме сега подобар тим, со искуство од едно големо натпреварување зад нас. Имаме и добра група со БиХ и Грција против кои можеме да играме и верувам дека ако не повеќе, како најдобри третопласирани ќе може да фатиме континуитет.“
НАЈДОБРОТО ОД СЕБЕ ЗА ОХРИД
Во пресрет на финишот на сезоната Грузиецот се надева дека досегашното преставување во дресот на Охрид ќе биде само загревање за она што ќе следи во иднина.
„Навистина сум среќен и задоволен во Охрид и очекувам од себе да го дадам најдоброто за да се исполнат целите на клубот. На мое големо изненадување сезонава немав сериозна повреда, со оглед на минутажата и довербата која ја имам од тренерот на секој натпревар. Се надевам дека така ќе биде и во иднина, дека повредите ќе ме избегнат и мене и моите соиграчи и ќе можеме заедно да работиме и да растеме како екипа. Би сакал она што го давам сезонава да биде минимумот со кој ќе тргнам следната сезона и најголема мотивација ми да направиме успех како на домашната, така и на меѓународната сцена.“