Од 29 ноември до 17 декември, Данска, Шведска и Норвешка ќе бидат домаќини на најдобрите 32 женски репрезентации од целиот свет. Гледачите во Хернинг, Фредерикшавн, Трондхајм, Ставангер, Гетеборг и Хелсинборг, ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометарки. 24Ракомет Ви ги претставува учесниците на претстојниот Мундијал...
На претстојното Светско првенство во Данска, Шведска и Норвешка ќе играат 32 репрезентации, поделени во осум групи од по четири, а првите три тима од секоја група поминуваат во главната рунда, додека оние што ќе завршат на последното место ќе играат во Президент Купот.
Натпреварите од Групата Г ќе се играат во данскиот град Фредерикшавн. Во оваа група има две европски селекции и по една селекција од Јужна Америка и Азија. Репрезентациите на Шпанија, Украина, Бразил и Казахстан ќе бидат дел од групата Г и ќе се борат за едно од трите места кои што носат билет за следната газа од Мундијалот.
🇪🇸 ШПАНИЈА 🇪🇸
Шпанија е фаворит во групата, пред се поради второто место на Светското првенство 2019, кое се одржуваше во Јапонија, како и освоеното четвртото место на претходниот Мундијал. Сега Шпанија ќе посакува уште еднаш да заврши што е можно повисоко, особено откако го ангажираше Амброш Мартин на селекторската позиција.
Амброш Мартин, еден од најтрофејните тренери во историјата на клупско ниво, кој исто така има меѓународно искуство, ќе се обиде да внесе нов стил на игра во „црвената фурија“.
Шпанската репрезентација е подложена на мала реконструкција, со помлади играчи, но сепак има неколку искусни ракометарки, кои ќе бидат доволни да се направи конкурентен тим за висок дострел.
Најдобриот пласман на Шпанија на Мундијалите е во 2019 кога го освои второто место и во 2011 година кога беше бронзена.
Клучни ракометарки: Дарли Згоби (голман), Миреја Гонзалез (десен бек), Каба Гасама (пивот)
🇧🇷 БРАЗИЛ 🇧🇷
Златната генерација на Бразил, која го направи еден од најголемите успеси во историјата на Светското првенство, освојувајќи ја титулата во Србија (2013) полека оди во историјата. Неколку клучни ракометарки од златната генерација на Бразил, како Едуарда Аморим, не се повеќе дел од тимот.
Бразил од 2013 година, па до денес, двапати се најде меѓу најдобрите десет светските репрезентации, најпрво, во Данска (2015) кога заврши на десеттото место и во Шпанија (2021) освојувајќи ја 6. позиција.
Сега Бразил на Мундијалот во Данска, Норвешка и Шведска доаѓа со големи амбиции, особено откако ждрепката беше на негова страна. Бразил има доволно квалитетни играчи, играчи со големо искуство кои би можеле да донесат висок пласман на јужноамериканската репрезентација.
Сигурно е дека Бразил за првото место во групата ќе се бори со Шпанија, но ќе треба да го даде својот максимум и против незгодната Украина.
Клучни ракометарки: Барбара Аренхарт (голман), Бруна Де Паула (среден бек), Тамирес Морена (кружен напаѓач)
🇺🇦 УКРАИНА 🇺🇦
Украина на Светското првенство 2023 ќе го има свето осмо учество, последен пат учествуваше на Светското првенство во Кина (2009). Репрезентацијата на Украина настапот на Мундијалот во Данска, Шведска и Норвешка го обезбеди откако во вториот бараж дуел ја елиминираше Македонија, додека на првиот без проблеми го мина Луксембург.
Главен адут на Украина ќе биде голманката Марија Кладун, која одлично бранеше во натпреварите против Луксембург и Македонија и беше една од најзаслужните за пласманот на нејзината репрезентација на Мундијалот.
Украинската репрезентација има големи шанси да обезбеди пласман во следната фаза, бидејќи како ривал за трето место го има Казахстан, репрезентација која е далеку од нивото на Украина, но исто така, избраничките на Виталиј Андронов на дуелите против Шпанија и Бразил ќе треба да покажат квалитет и да се претстават во добро светло, евентуално да дојдат и до изненадување.
Клучни ракометарки: Марија Гладун (голман), Ирина Компаниец (лев бек), Тамара Смбатиан (лев бек)
🇰🇿 КАЗАХСТАН 🇰🇿
Во изминатите седум изданија на Светското првенство, репрезентацијата на Казахстан никогаш не успеа да заврши под 18. позиција. Казахстан првото деби на Мундијалите го имаше во 2007 година во Франција и оттогаш пропушти само две изданија. Тоа беа Мундијалите во 2013 и 2017 години, но не направи сериозни подобрувања во перформансите на останатите настапи.
Казахстан на Светското првенство во 2021 година, кое се одржуваше во Шпанија, ја помина првата фаза и на крај заврши на 24. позиција. Азиската селекција нема многу амбиции на Светското првенство во Данска, Шведска и Норвешка и ќе цели да има добро издание, односно да биде се повеќе поконкурентен во дуелите со Шпанија, Бразил и Украина.
Клучни ракометарки: Вероника Кардина (лев бек), Дана Абилда (среден бек), Тансхолпан Џумадилова (среден бек)