Затоа што Борец не е само онаа нула на семафорот и клуб на кој последниве сезони лесно се освојуваат бодови, туку е и клубот што на македонскиот ракомет му го даде Пепи Манасков и клубот во кој Кире Лазаров прв пат зачекори во Лигата на шампионите.
1.Нулата пораз за сите
Во натпревар од македонската Прва лига, некогашниот македонски шампион Борец на гостувањето кај Младост во Богданци загуби со 48 гола разлика. Цело полувреме на страната на гостите остана нула на семафорот…
Маката на Борец е мака на македонскиот ракомет и на македонскиот спорт воопшто. Тоа го знаат сите што го сакаат овој спорт и што следат ракомет и малку поназад од 2017. Го знае тоа и публиката во ракометно Богданци што ги бодреше момчињата од Велес да шутнат и да ја тргнат парализирачката нула од семафорот. Го знаат и сите што со кнедла во грлото го изгледаа вчерашниот натпревар иако не се директно засегнати ни од победата на едните, ни од поразот на другите.
Затоа што Борец не е само онаа нула на семафорот и клуб на кој последниве сезони лесно се освојуваат бодови. Борец е клубот што на македонскиот ракомет му го даде Пепи Манасков. Борец е клубот во кој Кире Лазаров прв пат зачекори во Лигата на шампионите.
Двете најголеми имиња во македонскиот ракомет се тесно поврзани со клубот што е важен дел од историјата на македонскиот ракомет и дел од основата за спортот број еден. Повеќе од тоа и не треба!
Освен тоа, Борец е и клуб што опстојува повеќе од шест децении. Борец е клуб што има пет шампионски титули од старото југословенско време и една шампионска и Куп титула од новата суперлигашка ера (1994/1995). Клуб што имал забележителни настапи во некогашната сојузна лига и направил пионерски чекори во европските купови и клуб од кој потекнале и во кој израснале многу македонски ракометари.
Но, поранешниот шампион кој некогаш беше македонски расадник на таленти, денес мака мачи да даде гол. И со години, мака мачи да опстои, да ја сочува традицијата и да го одржи ракометот во живот во еден од некогаш најголемите ракометни центри.
2.Да се бориш или да дигнеш раце?
Борец е клуб што денес се бори со нулата, со едвај собрани 11 ракометари.
И тоа е поразително не само за клубот, туку и за градот, за ракометот, па и за ракометните структури во кои патем, беше или се уште е и еден моќен велешки стопанственик. Пораз е и за државата за лошата спортска политика и законска регулатива во која тоне македонскиот спорт.
Во спортот можеби не е секогаш сѐ до парите, но без вложувања тешко се опстојува, тоа е факт. Впрочем, имаме ние многу идикативни примери на таа тема.
Има примери и во европски рамки трофејни клубови да згаснат или да преживеат финансиска криза (Сиудад Реал и Хамбург најчесто први паѓаат на ум), но кај нас како по правило, финансиската криза досега ретко ги одминала шампионите и клубовите во кои се вложува нешто повеќе од просекот за преживување. Преживеале поупорните, посреќните и најчесто оние со подолга историја.
Вреди ли да се бориш или кога ќе се заредат нулите подобро е да дигнеш раце? Тешко дека некој може со сигурност да одговори, но „во пракса“ има и од едните и од другите случаи.
3.Загубени и добиени битки
Некои се посвежи, други веќе подзаборавени, но ова сигурно се најпознатите и најиндикативните битки во македонскиот ракомет. Некои изгубени, некои добиени…
Кометал Ѓорче Петров беше прв македонски клупски европски шампион и сѐ уште најтрофеен клуб во македонскиот ракомет, но не ја преживеа кризата. Имаше бројни пријатели на клубот во екот на славата, но не и во маката.
Пелистер беше повеќекратен шампион и своевремено, синоним за македонскиот ракомет. Кризата во новиот милениум го доведе на раб за опстанок. Трифун Костовски го спаси клубот од згаснување со финансиската поддршка во 2005 година. И тоа беше своевидна пресвртница. Потоа општината го одржуваше клубот во живот, а битолската фузија и финансиската поддршка од Еурофарм го вратија Пелистер на стабилна основа и на шампионска патека.
Металург беше убава приказна за клубот со полувековна традиција кој од скопското работничко предградие, како што милуваше да каже Лино Червар, стигна до големата сцена и три пати до европско четвртфинале, од тоа два пати во Лигата на шампионите. Кога „сините од Автокоманда“ беа во тренд, со месеци однапред се бараше карта повеќе, а во ложата комотно можеа да инсталираат и „седишта на три ката“ и пак ќе беа малку. Кога дојде кризата сите се разбегаа. На крај, на Металург му ја зедоа и салата. Долговите го збиршаа првиот тим, но Металург РА продолжи да опстојува и да го чува името на стариот тим од Автокоманда.
Вардар е бренд и приказна сам по себе. Во изминатата деценија со двојна женска и машка борба со кризата.
ЖРК Вардар беше своевидна „предгрупа“ на шампионскиот РК Вардар, го врати македонскиот женски ракомет на голема сцена, пет години по ред беше дел од елитатат на Ф4 во Будимпешта, два пати играше финале во ЛШ. Додека се имаше, се можеше и Скопје неколку години беше посакувана дестинација и за големи светски имиња во женскиот ракомет. Кога снема, ѕвездите се спакуваа, а од двата тима вардарки, на крај едвај остана да се скрпи еден, со млади домашни ракометарки. Но, Гордана Нацева и Индира Кастратовиќ се изборија да го сочуваат клубот и за неколку сезони да го етаблираат во водечката четворка.
РК Вардар во шестдецениското постоење создаде историја и традиција, стана бренд и најтрофеен клуб во македонскиот ракомет, единствен со две европски титули во ЛШ. Низ годините, Вардар понира и пак извира, од врвот на славата на шампионскиот подиум во Келн, до дното на кризата на раб на егзистенција со милионски долгови и европска суспензија. И во „Јане“ во славните денови ложата „крцкаше“, ама во кризата голем дел ги снема. Но, Михајло Михајловски не дозволи да го снема Вардар. Шампионот ја загуби титулата, но најверните вардарци се изборија да го сочуваа клубот, почнаа речиси од почеток и се борат да ги вратат и тронот и базата.
Борец одмна не е во „горниот дом“ на македонскиот ракомет, но на помалку необичен начин со нула и со -48, се приклучува на листата на „загрозени шампиони“. Или можеби попрецизно, во Богданци случајно го вклучи алармот за одредени состојби во македонскиот ракомет, не многу пофални, а уште помалку репрезентативни.
По огромниот пораз и нулата, некој сигурно ќе рече – „нека се откажат, нека не се мачат“. Можеби тоа е најбрзо и најлесно скратување на маките.
Но, дали е тоа и најдобро решение за клубот и за македонскиот ракомет или сепак, треба да се побара и друго чаре?