Тимот на Прилеп прослави победа во дуелот против Бутел, 28-27, иако во поголем дел од мечот имаше негатива. Сепак избраниците на Божидар Мојсов, кој дебитираше со три бода, во финишот направија херојски пресврт и со голот на Рајатоски победија. За Бутел имаше кратко време за напад, кој не беше реализиран и домашната радост можеше да почне.
Првиот дел, во кој тимот на Горан Кузманоски беше за нијанса подобар, беше проследен со голема борба на двете страни, атрактивни погодоци и потези, кои беа поздравувани од многубројната прилепска публика. По израмнетиот старт и нерешените 6:6, кон средината на првиот дел скопскиот тим со погодоците на Јевтиќ, Бошковски и Николов го зададе првиот удар, се одлепи на плус три, 9:6.
Прилепчани мотивирани да го покажат најдоброто од себе, не се предаваа, играа одлично во одбраната и не дозволија ривалот да се одлепи на повисока разлика. Бутел Скопје со поддршка на голманот Александар Стојаноски, уште во четири наврати успеа да ја има максималната предност од плус три (10:7, 11:8, 12:9 и 13:10. Тимот на Мојсов со голот на Цветаноски намали на 13:11, резултат со кој се замина на пауза.
Второто полувреме започа со голот на одличниот Кастратовиќ, кој намали на минус еден, 13:12. Домашниот тим пре негатива од 14:13 на двапати имаше шанса да дојде до нерешено, но гостинот од Скопје ги казни грешките на домаќините и со двата погодоци на Ѓоргиевски дојде до максималната предност од првите 30 минути, 16:13.
Тимот на Кузманоски зголеми и на 17:13, водеше во уште неколку моменти со 3-4 гола разлика, додека домашниот тим во 40-та минута успеа да намали на 20:18 и го направи натпреварот понеизвесен. Во последниот дел, односно во последните десет минути гостите од Скопје влегоа со 23:21, а во 51-та минута домашниот тим со два гола во низа конечно дојде до израмнување, 23:23.
Кризниот период во екипата на Бутел беше прекинат со голот на Николовво 52-та минута за 24:23, минута подоцна Субашевски беше ефикасен за 25:23. Откако беше 26:23 на пет минути пред крајот, тимот на Мојсов успеа да се доближи до 26:25, а потоа и да израмни на сто секунди до крај, 27:27.
Бутел пропушти да реализира и прилепчани тргнаа во последен напад. Рајатоски погоди од тешка позиција, па гостинскиот тренер мораше да бара тајм-аут. Останаа петнаесетина секунди, Бутел не успеа да даде гол и победата и трите бода останаа во Прилеп.
Седум гола за победничката екипа имаше Кастратовиќ, шест даде Квастек, додека Имнадзе беше стрелец на пет погодоци во триумфот над Бутел. Кај гостинскиот тим десет гола постигна Ѓеоргиевски, а седум пати во листата на стрелци се запиша Филип Николов.