Во пресрет на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција што во недела ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“, редакцијата на 24ракомет подготви серија на мини разговори со тренереите на сите екипи. Ќе дознаеме за нивните амбиции, очекувања, што размислуваат за ривалите, како да се подобри квалитетот во пионерската лига. Почнуваме со Михаил Петровски, тренерот на екипата на Еурофарм Пелистер.
Пионерите на Еурофарм Пелистер се едeн од четирите тимови што во недела ќе се борат за титулата на Ф4 турнирот што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Противник на „зелените“ од Битола во полуфиналето ќе биде тимот на Голден Арт од Скопје. За битолскиот тим ова е прв ваков успех со пионерска екипа.
До место меѓу најдобрите четири екипи „пелистерци“ дојдоа откако во групата В го освоија првото место. Регуларниот дел го завршија со 10 победи и два порази. Битолчани заедно со Охрид и Динг на табелата имаа по 30 бода, но поради подобрата гол разлика од меѓусебните дуели завршија на првата позиција. Во истата група беа и екипите на Струга, Еурофарм Пелистер 2, Прилеп и Преспа Вардар.
Во четвртфиналето Еурофарм Пелистер беше подобар од Мулти Есенс, и на домашен терен во Битола, домаќините славеа со 20-18.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Михаил Петровски, посочи дека групата во која се најдоа неговите избраници била тешка, а самиот податок дека три екипи имаа ист број на бодови доволно говори за квалитетот на групата, но и големата желба на екипите да дојдат до место меѓу најдобрите.
,,Самиот податок за тоа дека три екипи завршија со ист број на бодови и одлучуваше гол разликата доволно говори за тоа колку беше изедначена и неизвесна групата и колку беа слични по квалитет екипите. Немаше да биде незаслужено доколку и екипата на Динг од Струга, која отпадна поради послабата гол разлика, да игра на Ф4 турнирот, затоа што се работи за квалитетна екипа. Би ја потенцирал и екипата на Охрид како квалитетна, бидејќи против оваа екипа имавме навистина два тешки натпревари. Не можеме да ги заборавиме другите екипи кои на секој дуел се бореа и даваа отпор, со што додадоа дополнителен квалитет на самата група. Сепак, треба да посочиме дека се работи за дечиња на кои оваа сезона му беше прва и мислам дека за пласман понатаму одлучи среќата, желбата, на моменти и искуството, отколку квалитетот на самите екипи, смета Петровски.
Поранешниот член на Еурофарм Пелистер и Вардар во оваа сезона има голем предизвик бидејќи за првпат работи како самостоен тренер. Петровски од 20 дечиња успева да состави ростер и да направи квалитетна екипа, која ќе се пласира на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција. Најголемиот дел од нив во оваа сезона го имаа првиот допир со топката, ги учеа основните ракометни правила, дисциплината на терен…и без никаков притисок стигнаа до завршницата.
ПЛАСМАНОТ НА Ф4 КАКО НАГРАДА ЗА ТРУДОТ ВО ТЕКОТ НА СЕЗОНАТА
,,Кога започнавме со тренинзи во месец август, во оваа екипа составена од околу 20 дечиња, само две имаа некакво минимално искуство во пионерската категорија од претходната година, додека сите останати доаѓаа од школата на Еурофарм Пелистер каде немаа ниту еден натпреварувачки меч, каде играа ракомет во мини сала, со топки големина 0 или 1, така што искрено не знаев како ќе се снајдат на почетокот и како ќе ја прифатат промената на средината и условите за тренинг. Во екипата и сега има ракометари кои првпат почнаа да тренираат ракомет од пред 4-5 месеци и веќе се дел од тимот и играат на дел од натпреварите. Многу важно за нас е дека треба да го знаеме патот по кој одиме, се договоривме дека ќе одиме чекор по чекор, тренинг по тренинг, натпревар по натпревар, затоа што не знаевме до кај ќе стигнеме и каде сме со квалитет во однос на нашите ривали во групата. За нив тоа беше големо искуство, како и за мене, затоа што ова е прва сезона каде работам како самостоен тренер. Чекор по чекор, со доста работа од нивна страна, со акумулирање искуство од секој натпревар, стигнавме до пласман на Ф4, кој дојде како награда за нивниот труд во досегашниот тек од сезоната. Тие го направија овој успех и заслужуваат да уживаат на Ф4, да играат слободно и да соберат уште едно драгоцено искуство, без никаков притисок врз нив, без никакви услови и цели”, вели Петровски
Според Петровски сите деца тренираат напорно, се вложуваат максимално и сите на свој начин поседуваат одреден квалитет. Тој од оваа екипа гледа 3-4 дечиња, каде што за некоја година ќе тропаат на вратата во еден од тимовите на Еурофарм Пелистер.
Ривал на Еурофарм Пелистер во полуфиналето на Ф4 турнирот ќе биде екипата на Голден Арт. Без разлика на исходот од завршницата во Скопје, Петровски истакнува дека самиот пласман на Ф4 турнирот е голем успех за самите ракометари.
,,Имав можност да го гледам четвртфиналниот дуел на Голден Арт против Бисинов. За нашиот ривал можам да кажам дека се работи за една одлична екипа, со брзи играчи кои негуваат брз ракомет, играат нетипична одбрана 3-3 или на моменти пресинг игра. Тоа ја прави екипата на Голден Арт уште поквалитетна екипа. Ние досега не сме имале можност да играме против слична екипа која негува таков тип на одбрана, па искрено и не знам како ќе се снајдат моите ракометари. Ќе пробаме да играме паметно, трпеливо во напад со мал број технички грешки и да играме цврста одбрана, па преку брза транзиција и брзи полуконтри и контри, да постигнеме лесни голови со што би можеле да се надеваме на позитивен резултат во полуфиналето. Можеби звучи претеденциозно, но од оваа моја екипа јас гледам 3-4 дечиња, каде што за некоја година ќе тропат на вратата во Еурофарм Пелистер или Еурофарм Пелистер 2″, вели Петровски.
Тренерот на Еурофарм Пелистер истакна дека нема притисок дека нешто мора да се освои, да се победи, да се биде најдобар во оваа категорија. Самиот успех на Ф4 е огромен успех.
Погубно е за нив, а и за самиот ракомет, на деца од нивна возраст да се поставуваат некакви зацртани цели или услови. Тие мора да уживаат во ракометот, да го засакаат, преку играта да растат и да созреваат, да учат од победите и поразите, но никако да се разочаруваат. Како и досега, одиме натпревар по натпревар и не размислуваме што понатаму. Во секој случај одиме да покажиме што знаеме и да уживаме во последните два натпревари од оваа сезона. Пресудно на овај турнир според мене ке биде мотивацијата, желбата на децата, помала улога ке игра тактичката поставеност на екипите. Но која екипа и да го освои турнирот, ќе биде заслужено”.
ПОВЕЌЕ НАТПРЕВАРИ ЗА ПОВЕЌЕ ИСКУСТВО И РАЗВОЈ
Петровски смета дека на младите ракометари им треба повеќе натпревари, со цел да стекнат поголемо искуство, самодоверба и повеќе да ги развиваат ракометните вештини. Тоа можеби треба да се смени в година, и овие млади ракометари да имаат повеќе натпревари за играње.
,,Тренинзите се едно, меѓутоа децата собираат искуство, стануваат подобри ракометари, само преку одигрување на што повеќе натпревари. Само за споредба, во регионот, пионерските екипи имаат помеѓу 30-35 натпревари во една сезона, за разлика со нашите 12-15 натпревари во една сезона. Исто така и самите екипи треба да вложат малку повеќе во овај проблем. Значи не треба да ги заборавиме и пријателските натпревари. За жал поради неможноста за обезбедување на превоз за пријателки меч, многу екипи заради финансиите, лимитираниот буџет што го имаат, играат две до три пријателски натпревари по сезона, заедно со натпреварите од пионерската лига, доаѓаме до бројка од 15 до 17 натпревари во цела сезона. Сакам да напоменам дека ние како клуб тој проблем го немаме воопшто и не треба да го има ниту една екипа ако сакаме да имаме младина која ќе ги наследи нивните идоли еден ден. За организација на некој меѓународни турнир или учество во некој исти такви, треба многу средства, кој што во моментот, за жал многу голем дел од екипите го немаат, а такви ни се потребни. Значи проблем е доста покомплексен од колку што изгледа. На крајот од денот ако сакаме да извадиме готов производ, ракометари на кои еден ден ке се гордееме еден ден, мора сите коцки да се наредени, не смееме да дозволиме да се импровизира, затоа што најмногу трпат самите деца”.
За квалитетен ракомет и иднина во овој според потребни се одредени промени во помладите категории. Посебен акцент во предлогот на Петровски би се ставил во групите, односно поделба на лигата на две групи.
,,Мислам дека треба да се направат одредени промени. Овај систем од натпреварување со 12 до 15 натпревари е премалку ако сакаме да имаме квалитетен ракомет и иднина во овој спорт. Според мене можеби целата лига треба да се подели во две групи. Едната група да бидат екипите од Скопје, Куманово, Велес… а другата група да бидат екипите од Битола, Охрид, Струга, Прилеп, Кавадарци… Со тоа, бројот на екипи во една група би се зголемил, со што самиот фонд на натпревари би бил се поброен. Потоа можи да се размислува за формирање дополнителна група за плеј-оф или да се оди на нокаут фаза со испаѓање. Ова е само една од опциите, секако постојат уште многу други, но крајната цел од сето ова е да се доведеме во ситуација да секоја екипа одигра 25 до 30 натпреварувачки меча во склоп на пионерската лига”.
Ф4 турнирот кај пионерите ќе се одржи на 7 мај во Скопје, поточно во малата сала во СЦ „Јане Сандански”.
Полуфинални парови
- 10:30 часот МРК Куманово – РК Аеродром
- 12:30 часот РК Голден Арт КЛ7 – РК Еурофарм Пелистер
- 17:00 часот натпревар за 3-то место
- 18:45 часот финале
Ланската година титулата во пионерска категорија ја освои екипата на Бисинов, која во финалето славеше над Струга со 21:18.