Кој нема да добие, кој ќе добие, колку и зошто – актуелни прашања на почетокот на февруари, период кога се делат спортските ваучери, годинава уште и под лупа на Антикорупциска
1.Ќе има ли ваучери?
Почетокот на февруари е периодот кога се делат ваучерите односно, кога Агенцијата за млади и спорт ги распределува ваучерите во вкупна вредност од 10 милиони евра годишно, врз основа на кои спортските субјекти добиваат пари, а субјектите што ги уновчуваат, оставруваат право на даночно ослободување. Националните федерации веќе ги доставија предлог-листите врз основа на кои Агенцијата за млади и спорт со надлежната Централна комисија во АМС, ги распределуваат средствата, односно ги одредува и доделува ваучерите за спортските федерации, клубовите и индивидуалните спортисти.
Кој нема да добие, кој ќе добие, колку и зошто – се актуелни прашања што се вртат на најјако во овој период од годината во очекување на листата, некаде потранспарентна, некаде подзадскирена посебно ако има „суми“ за кои нема спортска логика. Ваучер-системот со години наназад отвора многу дилеми и дискусии, поради спорните критериуми, билдањето на бодовите, „тежината“ на споредните елементи во однос на спортските резултати, нетранспарентните постапки, надлежноста на комисиите, задоволните и незадоволните…И, можеби и очекувано, овој февруари се најде и под лупа на Државната комисијата за спречување корупција, со најава за покренување иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на директорот и на членовите на Централната комисија на АМС.
„Интервенцијата“ на Антикорупциска неколку дена пред новата распределба на ваучерите за 2023, одново ја разбранува спортската јавност.
Ќе има ли ваучери или ќе бидат укинати? Што значи „интервенцијата“ на Државната комисија за спречување на корупција, дали тоа автоматски го стопира процесот на распределба на ваучерите за 2023? Или, тој продолжува како и досега, со одлука на АМС и на надлежната Централна комисија за доделување на ваучерите во предвидениот рок од 10 дена по доставувањето на предлог листите од националните федерации до АМС и потоа со нивна реализација согласно Член 30-а од Законот за данокот на добивка?
Комплексноста на ситуацијата во која е заплеткан македонскиот спорт со ваучерите си бара консултација и стручно „правно толкување“. Правниците појаснуваат дека ДКСК „како самостојно и независно тело“ во својство на правно лице, нема извршна функција и иницијативата за покренување постапка во ОЈО сама по себе не го стопира процесот на распределба на ваучерите. Се разбира, доколку во меѓувреме нема некоја друга законска одлука.
Според тоа, ваучер би требало да има. Барем за годинава, за понатаму тешко во оваа форма, ако се реализираат промените што веќе ги најави и министерот за финансии во декември минатата година.
Но, засега може да здивна сите спортски субјекти кои преживуваат со парите од ваучерот, затнуваат дупки, подмируваат долгови и крпат од сезона во сезона. Или пак, оние кои можеби уплатиле нова кола „за унапредување на спортот“.
Ништо нека не ве чуди, имало и такви „употреби“ на парите од спортските ваучери! Затоа меѓудругото, и ДКСК „навлегува“ во ваучер-системот.
2.Сите ракометни ваучери = буџетот за плата во Екс Прованс!
Ракометот како спорт во кој оди значаен дел од овие 10 милиони буџетски средства, добиени по основ на даночно ослободување, и тоа како е засегнат од „развојот на настаните“ околу ваучер-системот. За да биде појасно, како илустрација може да послужат ланските бројки бидејќи годинешните уште не се финално дефинирани и официјално презентирани.
Ракометната федерација на Македонија, повеќепати прогласувана за најуспешна спортска федерација во земјава, во изминатите две години е највисоко рангирана на листата на национални спортски федерации при доделувањето на ваучерите. Минатата година РФМ доби ваучер од 15.800 милиони денари или околу 250 илјади евра.
Сите ракометни клубови заедно за 2022 година добиле сума од околу 2.4 милиони евра или, се заедно од вкупните ваучерски 10, во ракометот влегле околу 2.7 милиони евра или нешто повеќе од една четвртина од вкупната сума.
За македонски спортски (не)прилики солидна сума ако се гледа ваучер-системот, но за европски и за светски рамки само ситно, колку „за џепарлук“, а притоа, правиме муабет за ракометот кој е релативно сиромашен спорт во однос на фубалот или кошарката.
Можеби не е најсоодветно за споредба, но сепак, е илустративно дека сумата што македонски ракомет од ваучерот во целина (и машки и женски клубови и федерација со сите репрезентации) е тука некаде, колку што изнесува годишниот буџет за плати во францускиот Екс Прованс (2.642.426 евра) кој на годишно ниво за сезоната 2022/2023 располага со 6.096 931 милиони евра. И со тој буџет е само четврти во најсилната француска лига која сезонава вкупно „тежи“ 86 милиони евра. Во Франција најсиромашниот клуб Селестат има 2.4 милиони, најбогатиот ПСЖ со годинава малку намален буџет во однос на лани, брои 16.4 милиони евра или осумпати повеќе од македонскиот ракометен ваучер.
А, ние овде за ваучерите очи ќе си извадиме!
3.Добриот стар „џогер“
Дали вака гледано, ваучерот е „најдоброто решение“ и „генијален изум“ за македонскиот спорт или систем во кој има „за секого по нешто“, но генерално е погубен за спортот, посебно за врвниот?
Зависно од позицијата, амбицијата и перцепцијата – дали имаме ваучер за спортот или спорт за ваучерот, некој ќе биде „за“, некој „против“.
Еве само дел од „збирката“ добри и лоши страни и забелешки:
-Ваучер системот е добар за оние кои со ваучерот добиваат загарантирано нешто, а без него би имале ништо и најверојатно би згаснале.
-Ваучер системот е добар за наменски пркнатите клубови, кои повеќе време и внимание посветуваат на „тактиката“ кој да биде масерот, а кој психологот за да се ќари бод повеќе во осумте критериуми за ваучерот отколку во натпреварите.
-Ваучер системот е добар и за оние на кои од парите им останува да си го подноват возниот парк, затоа што ракометарите и ракометарките им играат за 1000, за 500 денари или за ич пари.
-Ваучер системот е најдобар за оние клубови што врват тука некаде, со 50-100.000 евра годишно, тамам со парите од ваучерот да се покријат и да си тераат во домашна лига, ни погоре ни подолу.
-Лош е ваучер системот за клубовите кои имаат поголеми амбиции, а со ваучерот остануваат лимитирани најмногу на 200-300.000. Само за дома премногу, оти реално, се врви и со многу помалку, а за „надвор“ премалку за да се склопи тим конкурентен за европски настапи. Поради ваучерот со 50% даночно ослободување, дополнителни средства без повластување за вложувања во спортот, се потешко се обезбедуваат, а спонзори има се помалку. Резултатот – од година во година не има се помалку во европските купови.
-Лош е ваучерот затоа што поради него имаме општонародна повеќе аматерска отколку професионална женска лига во која не игра само тој што нема да се пријави.
-Лош е ваучерот затоа што поради него (во најголем дел), квалитетот отиде во втор план, системот на натпреварување се менува три сезони по ред, имаме должни клубови што згаснуваат како фенери и машка супер лига со 16 екипи и со две групи, систем кој никому не му се допаѓа, ама ете некако поминува.
-Лош е ваучерот затоа што сега имаме стотици репрезентативки и репрезентативци за „35-ки“ во графата кај ваучерите, а во репрезентациите стално сме „дефицитарни“ и резултатите одат надолу.
-Лош е ваучерот затоа шти ги измести спортските вредности и во спортот создаде непријатели.
Впрочем, лош е сам по себе штом заврши на маса во Антикорупциска.
Решение?
Има. Темелни промени и еден добар „џогер“!