ЈАВИ СЕ ЈУЖНА: MME… Кој прв почна

8 Април 2016, Гдањск, Полска. Го следиме натпреварот Македонија – Полска. Нѐ има во голем број на трибините. Сите со една мисла – да бидеме сведоци на историскиот пласман на нашите ракометари на олимписките игри во Бразил. Изгубивме, но не бевме разочарани. Верувавме дека таа генерација на ракометари ќе ги победи Тунис и Чиле и ќе стави печат на визата за Рио де Жанеиро.  Веќе правевме планови со која агенција да патуваме во Бразил.

Ден подоцна, со нетрпение го очекуваме натпреварот Македонија -Тунис. Изгубивме. Нашите соништа се претворија во кошмар. И сега додека пишувам, мачно ми е, за таа пропуштена историска шанса.

Го победивме Чиле. По натпреварот ракометарите се доближија до нашата трибина. Оние најверните, со најбогато навивачко портфолио го дигнаа транспарентот на кој пишуваше „Не се откажуваме од вас.“ Душата ни плачеше, ама ги поздравивме со громогласен аплауз.

17 јануари 2023, Краков, Полска. Не сме на трибините. Натпреварот Македонија -Аргентина го гледаме дома. Почна да нѐ фаќа нервоза, а околу главата да ни се мота истата констатација како во изминативе денови „што ни е мака, што обврските не дозволија да бидеме таму.“ Филип во една соба со своите пријатели, Нина Дуковска и Мартин Костадиновски. Ние во друга. Почнува натпреварот. Младиве бучно реагираат на секој постигнат гол. Нивните гласови, коментарите, допираат и до нас. Почнува дваесеттата минута. Молк. И кај нив, и кај нас. Во еден миг Мартин излезе надвор, да сврти неколку круга, да му помине нервозата. Изгубивме по третпат.

„И шта чемо сад?“ – што би рекла Констракта. Па, што друго освен плукање, гнасотии, зајадливост, иронија на сите „стручњаци“, „аналитичари“ за ракомет на социјалните мрежи.

Што сум јас? Голем фан на ракометот и спортот воопшто. Но, и новинарка што тренирала во младоста неколку спортови како дел од гостиварски или училишен клуб (гимнастика, скијање, кошарка, ракомет, одбојка). Можеби мојот спортски ангажман почна и заврши во локални рамки, но тој дел од животот ми е алиби да коментирам, но само сегмент од играта на оваа ракометна репрезентација.

Имав 12 години кога мојот наставник по физичко ми предложи да бидам дел од ракометниот тим на училиштето. Ми рече: „Ќе бидеш централен бек, ќе го организираш нападот. Ќе бидеш  и дел од одбраната. Бори се и издржи, потребна си ни за контри, зашто си брза. Бев најмлада во тимот. Се борев со многу повисоки и покрупни од мене. Се борев за себе, за победа, за довербата на наставникот и пред сѐ за училиштето „Гоце Делчев“. На еден натпревар противниците ми го „фрлија пикот“ со моите контра – гол „специјалитети“. Кога повторно тргнав во контра, една ракометарка се обиде да ме сопре, фаќајќи ме за коса. Паднав на колена, а кога ми ја пушти косата удрив директно со главата на бетон. Крв шиштеше насекаде. Настрада мојата аркада. Многу подоцна, завршив на операција на колено. Тоа беше данокот на аматерскиот спортски ангажман        

Деца – млади ракометари, вие не сте претставници на училишен тим. Туку на Македонија. Вие не игравте за пласман на регионално ниво, туку за втора фаза на Светско првенство. Вас нема да ве укори наставникот за лошата игра, туку цела Македонија. Посакав да видам како се борите гради во гради со секој ракометар. Да се фрлате на паркетот, да  паѓате и да станувате во иста секунда, да спречите напад, со брзи контри да постигнувате гол. За да бидеш голем спортист треба да имаш и големо срце, кое додека играш треба да го оставиш на терен. Не видов жар во очите, не забележав амбиција. Чест на исклучоците. Толку со мојата анализа.

Останатото им го оставам на вистинските ракометари и тренери, на вистинските стручњаци. Посакувам да прочитам анализи, критики, факти поврзани со ракометот, а не со опис на психолошкиот профил на луѓето од стручниот тим.

Зашто тие коментари ги читаат и деца од 12 години, кои штотуку ја почнале ракометната кариера во училишен тим.

Текстов ќе го завршам, како и што почнав – како фан. Искрено, по вчерашната тепачка на македонските навивачи на трибините, чувството на гордост што сум фан на ракометот за миг го заменив со срам и со гнев. Како прва реакција на настанот ми дојде насловот на познатата драма на Дејан Дуковски  „ММЕ кој прв почна“. Но, кога ќе се сетам на Фичо, Шиц, Климе, Мики и останатите со кои навивавме во Гдањск, повторно ме обвива чувството на гордост.

Соња Алексоска Неделковска