Да резимираме, Македонија, од она што го видовме последно на „Кроација куп“, каде не е исклучено нашиот стручен штаб да сокри некои детали, очекувано, драстично го промени стилот на игра, ја забрза играта, воведе многу трчање, се со цел националниот тим да ја подигне квотата на постигнати „лесни“ голови на 8 до 10. Нормално, кога на поставен напад немаме капацитет за „големи работи“. Од друга страна, брзи и „лесни“ голови се постигнуваат со ефикасна одбранбена зона, а таа засега е во доработка и треба да блесне на СП. Видовме одлична антиципација на нашите играчи на позиции 2 и 5, што ќе доведе до отежнат проток на топка и игра без залет на противникот, но и дуел игра на „кратка узда“, свесно ризикувајќи да се отвори простор и шутеви за крилните играчи, каде на сцена треба да настапат голманите....
Неодамна, на спектакуларен начин, во С.Ц „Борис Трјковски“, пред преполни трибини, Македонија ѝ се заблагодари на една генерација македонски ракометари, кои долги години ја радуваа нацијата и го држеа македонскиот ракомет високо на светската ракометна скала. Меѓу нив, тројцата „последни мохиканци“, вистински ведети на македонскиот спорт, неколку месеци порано, на најубав начин ги окончаа своите кариери, давајќи сериозен придонес во пласманот на Македонија на уште еден континетален собир, престојнот СП во Полска и Шведска.
Стоилов, Миркуловски и Лазаров ја препуштија (на терен) националната селекција на новата генерација македонски ракометари, предводени од играчите родени ’96 година, зачинета со веќе етаблираните Митревски, Манасков, Георгиевски, па и пивотот Пешевски, и генерациите ‘00 и ‘02, кои надоаѓаат и кои треба да бидат носители на нашиот национален тим по ОИ 2024 во Париз. Селекција на ракометари, која ќе носи голем товар, кој сам по себе го акомулирал дресот со националните бои изминатите петнасетина години, победувајќи репрезенатции со (нај)висок рејтинг и промовирајќи го машкиот национален тим во најголем амбасадор на држаавата Македонија.
Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска ќе „се емитува“ на специјализираниот портал, 24 Ракомет
Иако, додека се пишува оваа колумна, селекторот на новата и уште еднаш новата Македонија, Кирил Лазаров сè уште не го скратил списокот од десегашните 21, на 18 ракометари, со наша претпоставка ќе се обидеме да дадеме еден остврт на тоа со што располагаме, дали можеше подобро да се селектира, како ја видовме играта на подготвителните натпревари и кои се нашите изгледи во групата „Ф“ каде ќе вкрстиме копјата со Норвешка, Холандија и Аргентина.
Лазаров по објавување на широкиот список, кој и во минатото и денес нема никаква функција, освен да се пријават доволен број (во случај на повреди, болест, откажувања..) на играчи во меѓународните федерации, го скрати истиот на 23, а подоцна и на 21 ракометар, список на играчи кои го одигра „Кроација куп“, главната контрола на нашата репрезентација пред СП. И претходно сме констатирале, дека Македонија по вкупна бројка на активни ракометари, а уште помалку по број на квалитетни ракометари нема „базен“ од играчи како Хрватска или Словенија, а да не зборуваме за Франција или скандинавските земји. Затоа, старите викаат, треба да се отворат двете-четири и да се собере најкорисното на едно место.
Голманската позиција, по претходно пензионирање на Петар Ангелов и неодамнешното, присилено, на „министерот за одбрана“ Борко Ристовски, се чини дека е една од позициите кои најбезболно ги „бајпасиравме“ и можеме да кажеме дека е солидно пополнета. Мартин Томовски, со претходно бундес искуство, како прв голман на шампионот Вардар, заедно со веќе повеќекратниот „голман на колото“ во елитната Лига на шампиони во дресот на спорткскиот гигант Порто, Никола Митевски, треба да бидат еден од адутите на нашиот национален тим, и основа за филозофијата на селекторот, да дадеме што повеќе „лесни“ голови. Митревски не го видовме на „Кроација куп“, а Томовски и Кизиќ не оставија силен впечаток. Затоа и резулататите (читај примени голови) беа какви што беа.
Крилата на нашиот национален тим се „слика и прилика“ на целокупниот ростер на истиот. Искуство и младост, играчи како Дејан Манасков, кој е пред најголемиот трансфер во кариерата и Гоце Георгиевски, кој поминал „сито и решето“ од една страна и „летечките Стружани“ во имињата на Цветан Кузманоски и Ненад Костески, како сè уште недокажани на големи натпревари. Иако секој и малку упатен во ракометот би кажал дека во оваа ситуација огромна минутажа на ова СП ќе трошат оние првите, и ќе имаме солидна прва постава крилни играчи кои можат да ја рашират зоната, сепак главната констатација е дека ниту еден од нив нема карактеристики на играч кој ќе може да се искористи во дефанзивната зона на нашиот нацинален тим. Голем проблем, имајќи предвид дека Лазаров ќе мора нашите „главни креативци“ во напад Филип Кузмановски и Игор Ѓорѓиев, дополнително да ги троши на позиција пет. Особено, кога се работи на турнирски систем на натпревари, каде мора да се задржи свежината и високо ниво на концетрација.
Една од позициите кои последните 10-15 години „доби на тежина“, станувајќи сериозен фактор, каде многу селекции базираат игра на истата е позицијата пивот. Особено тоа важи за селекциите кои го прифатиле (или им бил наметнат преку ангажман на селектор од таа земја) шпанскиот систем, систем од кој корен и „ука“ влече и нашиот селектор. Систем, за кој како и сите останати треба да имаш играчи со адекватни каратктеристики. Лазаров селектираше дури четворица, од кои најмалку еден ќе остане во Скопје. Жарко Пешевски, иако некомплетен како играч, е најискусен и најконкретен на таа позиција и ќе биде не само прва опција на нашиот стручен штаб, туку очекуваме (за разлика од натпреварите на „Кроација куп“ ) да биде играч околу кој, во една мера ќе се потпре нашиот напад. Впечатливо е дека, во ситуација кога го нема Стоилов како поткрепа, Пешевски, оправдано ќе чуствува големо бреме на својот грб, имајќи предвид искуството и очекувањата од неговата игра и реализиација. Никола Маркоски, без разлика на неговата антропологија за која сме зборувале и претходно, но и однос кон спортот, заедно со Филип Талески ќе биде центалната брана на нашата 6-0 зона. Марко Стојковиќ, како млад играч роден ’03, е избор за долги патеки и не е очекувам да има забележителна улога, но помина подготовки и акомулира искуство. На оваа позиција, селекторот, барем на список од 23-ца требаше да повика најмалку еден играч кој игра во два правци, како новопечениот варадрец Михаил Аларов или Милан Лазаревски, за да ги подготвиме за ерата после Никола Маркоски, а пред „стасувањето“ на Марко Стојковиќ. Петров како опција, во генерално еден правец, не е адекватна за планирање на долги патеки.
Бековската позиција, лево и десно, како носители на ракометот како спорт, ги пополнивме со играчи од различен калибар и карактеристики. На левата страна Македонија го има убедливо најкорисниот играч во овој состав, Филип Талески, кој покрај тоа што ќе биде нашиот „прв топчија“ во нападот, е главна карика на нашите зони 6-0 и 5-1. Со доаѓањето во Вардар и слободата во играта, Талески се профилираше во сериозен европски играч и тука имаме „коњ за трка“. Останатите играчи на таа позиција се од различен профил, млади и играчи кои ќе треба во одреден период да ја „испратат“ играта и да реализираат „вишок“ направен од Кузмановски или Ѓорѓиев. Атансиевиќ е многу силен и подвижен, храбар но и сеуште недоволно профилиран. Младеновиќ, кој ќе биде прва замена на Маркоски и Талески во одбранбената формација ја има довербата на селекторот и прераснува во солиден тимски играч. На десната страна, иако слични по својата висина, Томислав Јагуриновски и Мартин Серфимов, ќе се надополнуваат, во случај каде што, поради својата добра игра во одбрана и солидна дуел игра во нападот Јагуриносвски е очекувано да троши многу повеќе минути на терен од својот колега. Очекувам Јагуриноски пријатно да ја изненади македоснката ракометна јавност, играч кој покрај дуел игра и продорност, храбар е и без респект влегува во секој натпревар. Имајќи предвид дека Кузмановски не е класичен среден играч со организаторски способности, а Талески е прв шутер, Јагуриносвки ќе биде солидно решение во ситуација да искористи „отпадок“ и да го вработи пивотот.
Средната бековска позиција, како фундаментална за спорведување на замислите на селекторот, е „рак рана“ на овој национален тим. Филип Кузмановски иако со долгодишно бундес искуство (годинава со намалена минутажа) и одлични физички карактеристики, покажа дека на долг рок тешко се справува со „диригирање“ на нашиот напад, особено сега кога го нема капитенот Лазаров или Миркуловски како негова поддршка. Сепак Кузмановски е и ќе биде лидер на оваа група на играчи и очекуваме да созрее на ова и наредните големи смотри. Негова замена, на позицијата среден бек е играч кој се промовираше на минатото ЕП, играч кој има минорно искуство во меѓународни рамки, но и играч во кој Лазаров има огромна доверба. Време е да ја оправда и на одредени моменти да ја превземе одговорноста да раководи со нашиот напад. И двајца средни бекови, во ситуација кога нашата предна линија е практично неупотреблива во дефанзива, ќе имаат исклучително важна улога. Марио Танкоски беше, веројатно, најспоменуван ракометар изминатиот период, како опција која селекторот (не)свесно ја превидел, и играч за кој во најмала рака требаше да има место во оние 23-ца. Но, филозофијата и одговорноста за се што ќе се случува овој јануари во Краков е на селекторот и својствено, изборот е негов и конечен.
Да резимираме, Македонија, од она што го видовме последно на „Кроација куп“, каде не е ислучено нашиот стручен штаб да сокри некои детали, очекувано, драстично го промени стилот на игра, ја забрза играта, воведе многу трчање, се со цел националниот тим да ја подигне квотата на постигнати „лесни“ голови на 8 до 10. Нормално, кога на поставен напад немаме капацитет за „големи работи“. Од друга страна, брзи и „лесни“ голови се постигнуваат со ефикасна одбранбена зона, а таа засега е во доработка и треба да блесне на СП. Видовме одлична антципација на нашите играчи на позиции 2 и 5, што ќе доведе до отежнат проток на топка и игра без залет на противникот, но и дуел игра на „кратка узда“, свесно ризикувајќи да се отвори простор и шутеви за крилните играчи, каде на сцена треба да настапат голманите. Засега централните позиции не се на потребно ниво, но со враќањето на Талески во ростерот и поставување на 5-1 како алтернативна (а можеби и како главна одбранбена формација) ќе можеме да очекуваме уште поагресивна игра, со принуда на технички грешки и брза транзиција, која Манасков и Георгиески ќе ја валоризираат.
Македонскиот национален тим има сериозна логискика и поддршка, подолг период наназад, има амбициозен стручен штаб и филозофија која допрва треба да покаже резултат (го има уште ЕП 2024). Без разлика на силната група, да оставиме времето да покаже и докаже кој е во право. Има време за издржана критика, сега е време за поддршка на македонскиот национален тим, на патот кон зацртаната цел – пласман во втората фаза од шампионатот.
Горан Ѓоргоноски,
Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот „Ракомет за секое дете“